Скопје, 4 ноември 2014 (МИА) – Претставници од повеќе компании кои доаѓаат од финансискиот сектор, градежништвото, осигурувањето и трговијата на недвижен имот, прехранбената и преработувачка индустрија, кои се интересираат и ги разгледуваат можностите за инвестирање, вчера на бизнис форум во Њујорк беа запознаени со условите за водење бизнис во Македонија, што беа презентирани од премиерот Никола Груевски.

На бизнис форумот, кој се одржа во соработка со „Фајненшл Тајмс“, сопственикот на компанијата „Смарт колинг“, Ендру Лоза, која произведува делови од автомобилската индустрија, но и софтвер за редуцирање на зависноста од електричната енергија изјави дека е заинтересиран да инвестира во Република Македонија.
– Бараме локација за градење фабрика и производство некаде во светот. Дојдов на овој форум за да ги дознаам сите предности и поволности кои се нудат: квалитетот на работната сила, даноците, банкарскиот сектор и доста сум импресиониран, дотолку што планирам да ја посетам Македонија до крајот на годината, најкасно на почетокот на јануари идната година, и да се информирам за тоа колку ќе чини и што е се потребно за да се започне со производство до крајот на следната година, изјави сопственикот на „Смарт Колинг“, Лоза.
Како што информира владината прес-служба, премиерот Груевски, кој ја предводи владината делегација, пред присутните ја нагласи стабилната макроекономска политика и континуитетот кој постои во реформите со цел државата да стане привлечна за странските инвеститори. Тој истакна дека Република Македонија има многу поволна бизнис клима, која е сериозно подобрена во последните неколку години.
– Во извештајот на Светска банка Дуинг бизнис во 2006 – та година државата беше на 94 место, а денес, во најновиот извештај е на 30-то место, со што државата е рангирана подобро од 16 земји членки на ЕУ, подобра од сите земји од Југоисточна Европа и подобра од скоро сите држави од Централна и Источна Европа, изјави премиерот Груевски.
Тој истакна дека ваквиот напредок во креирањето добра бизнис клима беше забележан и од другите реномирани институции кои ги следат економските текови и посочи дека „Форбс“ ја рангира Македонија на 36. место како најдобра земја за бизнис во светот со што остварен напредок од 46 места во последните пет години, а на Индексот за економски слободи според фондацијата „Херетиџ“, Македонија ја подобри позицијата од 78. на 43. место.
Премиерот Груевски посочи дека ваквата добра инвестициска клима веќе ја препознаа некои големи компании меѓу кои и „Џонсон Контролс“ од САД која задоволна од својата прва инвестиција отвори втора фабрика, „Кемет Електроник“ исто така од САД која произведува електронски уреди за автомобилската индустрија, „Амфенол“ од САД, „Џонсон Мети“ од Велика Британија која покрај првата има и втора инвестиција, „Текнохозе“ од Италија, „Ван Хол“ од Белгија која произведува автобуси кои во најголема мера се извезуваат овде во САД, „Дрекселмајер“, „Кромберг и Шуберт“ од Германија и многу други. Исто така, во последните неколку месеци повеќе компании информираа за нивната одлука да инвестираат во државата, а со неколку други сме во интензивни разговори што е потврда за успешната инвестициска клима на која како Влада посветено работиме, посочи премиерот Груевски.
На бизнис форумот за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции во Њујорк се обратија и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека американската економија е во одлична позиција, а Њујорк е центарот на инвеститорите и финансиите во САД и светот и затоа денес на овој бизнис форум се користи можноста пред инвеститорите да се презентираат можностите за отпочнување и водење бизнис во Република Македонија.
– Значајно е да се објаснат политиките на Владата во полето на инвестициите, не само во делот на даноците каде што  Македонија е најатрактивна дестинација во Европа и меѓу најдобрите во светот, туку и во поглед на квалитетот на работната сила за што има голем интерес и од страна на инвеститорите и е признание дека Македонија располага со квалитетна работна сила, добра инфраструктура, макроекономска политика која што е стабилна и подразбира ниско ниво на задолженост на земјата, ниска инфлација и стабилна валута и предвидливост на владините политики односно долгорочна можност за инвеститорите да планираат и да знаат какви ќе бидат политиките во иднина, истакна Ставрески.
Според него, сето ова во пакет презентирано пред компаниите наидува на одличен интерес од инвеститорите и од тој аспект, како што рече, очекуваме во иднина дел од нив да ја посетат Македонија и да имаат реално влијание овие бизнис форуми на заинтересираноста на американските компании за нивните инвестиции во државата.
Њујорк е важен трговски и економски центар и претставува најголемата регионална економија во САД со најголем бруто регионален производ.
Владината делегација предводена од премиерот Груевски ја продолжува економската посета на САД при што по Њујорк, денеска доцна попладне ќе се обрати на бизнис форум во градот Чикаго.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window