Македонија е една од европските земји чиј долг најмалку се зголемил во последните пет години. Во апсолутни бројки, од 2009 до 2013 година, земени се кредити во вредност од 1,1 милијарди евра, а само лани исплатени се кредити во висина од 256 милиони евра. Од сите европски земји само Естонија се задолжила помалку од Македонија. Во овој кризен период, најбрзо растел долгот на најголемите европски економии: Велика Британија, Франција,Шпанија, Германија, Италија.

Како процент од БДП, пак, Македонија останува во границите на ниско до умерено задолжени земји и долгот единствено така може да се мери, вели во изјава за ekonomski.mk, министерот за финансии, Зоран Ставрески.

„Секое стручно разгледување на задолженоста на државата подразбира дека треба да се гледа државниот долг во однос на БДП бидејќи додека се зголемувал долгот, се зголемувал и бруто домашниот производ на земјата. Како процент од БДП, државниот долг на Република Македонија денес изнесува 34,3% и тоа е многу пониско од, да речеме 2005 година, како последна година во којашто денешната опозиција беше на власт. Тогаш државниот долг изнесуваше 38,4%. Споредено со ова, денешниот државен долг е за четири процентни поени понизок“,вели министерот Ставрески.

Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа

Со долг од 34,3% од БДП, Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа што покажува дека во изминатите пет до шест години земјата позајмувала помалку од другите земји.

„Сме внимавале на задолженоста и затоа сме останaле на ниско ниво на задолженост, а тоа го потврдија и многу релевантни меѓународни институции како ММФ, Светска банка и други. Ова се фактите, сè друго е дневна политика. Треба да сме свесни дека Македонија е мала земја со релативно мал БДП и затоа треба да внимаваме тој да остане на сегашното ниво или на ниво на умерена задолженост. Уверен сум дека со проекциите што ги имаме во Министерството за финансии за следниот среднорочен период, со постепено намалување на буџетскиот дефицит и со внимателно задолжување за добро таргетирани проекти ќе го одржиме ова ниско ниво на задолженост“, вели Ставрески.

Со парите се реализираат проекти кои го подобрија животот на граѓаните

Исто колку што е значајно колкав е долгот, значајно е и што се постигнало со парите од кредитите, вели Ставрески за ekonomski.mk. Ефектите се значајни и продонеса за подобрување на животот на граѓаните. Ставрески набројува – со пари од Светска банка реализирани се многу мали проекти, како што се улици во Ѓорче Петров, Кочани, Кичево, мост во Босилово, водоводна мрежа и канализација во Василево, нови училишта во Гази Баба и Бутел, сите овие проекти се значајни за локалното население.

Со кредитите се реализирани и крупни проекти. Почна реконструкцијата на железничкиот дел од Коридорот 10, ќе започне изградбата на пругата кон Бугарија, се реши деценискиот проблем со водоснабдувањето на Кавадарци, се набави опрема за железницата. Во изминатиот период набавена е нова опрема за здравствените установи, ќе почне изградбата на новиот Клинички центар во Скопје и новата клиничка болница во Штип. Изградени се многу спортски сали во македонските училишта каде децата можат да спортуваат. Сите овие проекти се неопходни за граѓаните, објаснува Ставрески.

„Регионалните и локалните патишта помогнаа да се поврзат руралните со градските средини, а круна ќе биде изградбата на автопатите од Штип до Скопје и од Кичево до Охрид, како прв сегмент во изградбата на нови автопати. Се работи за конкретни, добри проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните“, вели Ставрески.

Паралелно со реализацијата на важните проекти, редовно тече и сервисирањето на долговите. Лани Македонија исплатила 256 милиони евра кон странство. Во оваа сума влегува и претходната еврообврзница. Тоа значи дека цело време се внимава да се реализираат добри проекти, а долгот да се држи на ниско до умерено ниво, вели министерот Зоран Ставрески за ekonomski.mk.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window