18 октомври 2019, Вашингтон – Во услови кога Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намалува проекцијата за глобалниот раст, по втор пат годинава ја зголемува проекцијата за растот на македонската економија. Ова значи дека  изгледите за растот на македонската економија се добри, а уште побитно е дека зборуваме за раст кој се должи на добри резултати во сите економски сектори, рече во интервју за Гласот на Америка, министерката за финансии Нина Ангеловска, која учествува на Годишните средби на Светска банка  и ММФ во Вашингтон.

ММФ во својот есенски извештај  порача дека глобалната економија забавува и дека има најслабо темпо на развој од Светската финансиска криза наваму.

-Во такви услови, по втор пат ММФ го корегира нагорно растот на македонската економија. Според последната проекција на ММФ растот е ревидиран на 3,2%, после првата ревизија направена во април. Ова значи дека изгледите за растот на македонската економија се добри и добро е што зборуваме за раст на една широка основа при раст на инвестициската активност, на градежништвото, на потрошувачката, на извозот, на кредитирањето на приватниот сектор. Оттука си даваме за право да кажеме дека македонската економија е во добра кондиција, се движи во добра насока и можеме да кажеме дека е реално очекувањето да се постигне проектираниот раст од 3,5%, којшто воедно е проекција на Министерството за финансии, но и на Народната банка – рече Ангеловска.

Во однос на глобалните економски движења Ангеловска рече дека македонската економија е мала и отворена и затоа будно се следат движењата на глобално ниво.

-Ние имаме извоз кон Европа од 82%, од друга страна извозот кон Германија учествува во портфолиото со 49%. Меѓутоа ако ги погледнеме актуелните бројки во периодот јануари-август извозот кон Германија бележи 20% раст, исто така растот кон ЕУ бележи раст од 13%. Можеме да кажеме дека кон Германија имаме нееластична побарувачка, бидејќи тоа се договори кои македонските компании ги имаат направено на подолг рок. Важно е да ги следиме движењата. За нас како мала и отворена земја е важно да се следат мерките и политиките на глобално ниво. Треба да сме флексибилни да се адпатираме и да применуваме мерки кои што ќе овоможат да растеме и еве тоа сме го докажале со резултати кои ги имаме во економскиот раст оваа година-рече Ангеловска.

Министерката за финансии посочи и дека со влезот на земјата во НАТО се очекува поголема економска и политичка стабилност. Таа посочи дека ако се гледа искуството на земјите кои пристапија во 2004 година во НАТО, е дека економскиот раст забрзува. Таа исто така рече дека кај интеграциите е битен и процесот кој земјата го минува пред да стане членка, односно сите реформи кои се прават за да се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните.

Comments are closed.

Close Search Window