Скопје, 1 октомври 2019 година, Скопје – Преку партнерство и јасна стратегија може да се надминат предизвиците како неадекватноста на пазарот на трудот, неформалната економија и подобрување на деловното окружување, со кои се соочуваат сите земји од регионот. Ова го порача министерката за финансии Нина Ангеловска говорејќи на панелот „Градење просперитетна иднина“ на Самитот на Западен Балкан.

Таа додаде дека Северна Македонија последните две години добива најдобри оценки од Европската комисија (ЕК) за реализација на програмите за економски реформи, кои ги адресираат овие предизвици и оти како мала земја сме пофлексибилни да се адаптираме на глобалните предизвици и да учиме бргу од другите.

Министерката истакна дека Република Северна Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан, се земји во развој кои имаат голема можност за промени и искористување на потенцијалот доколку одлуките и политиките ги базираат на податоци и анализи. Имаме голем број економски реформи, но сè додека не ги гледаме интегрирано и не видиме што ни кажуваат бројките, нема да бидеме доволно ефикасни. Како потврда на подобрување на нашите капацитети во спроведување соодветни економски политики се последните оценки за Програмата 2018 и Програмата 2019, каде што согласно извештаите на ЕК, Република Северна Македонија забележува најдобри резултати во спроведувањето на препораките на Комисијата во споредба со другите земји од регионот, рече министерката Ангеловска.

Министерката за финансии рече дека еден од најголемите предизвици за нашата земја и регионот е работна сила согласно потребите на пазарот на трудот.

– Несоодветните вештини влијаат на слаба активација, особено кај одредени категории работноспособно население, како што се младите, жените и долгорочно невработените лица. За таа цел предвидовме повеќе реформи кои треба да го решат овој проблем. Таков е проектот „Младинска гаранција“, кој предвидува на секое младо лице до 29 години, кое се регистрира првпат во Агенцијата за вработување, да му се понуди соодветна работа, можност за продолжување на образованието да се дообразова или да биде вклучено во некоја од активните мерки за вработување, рече Ангеловска.

Министерката како уште еден предизвик ја посочи неформалната економија. Таа значително влијае на економскиот раст, бидејќи од една страна не се обезбедуваат доволно приходи за потребните јавни инвестиции, а од друга страна влијае и на формалниот сектор за воздржување од инвестирање поради нелојална конкуренција.

– Донесовме Стратегија за формализација на неформалната економија, насочена кон намалување на неформално вработените и учеството на нерегистрирани деловни субјекти. Дел од активностите кои се во тек се однесуваат на поедноставување на инспекциските процедури, дизјанирање на ваучер-систем и идентификациони картички и слични процедури за формализирање на неформалното вработување, рече министерката и дополни дека и Министерството за финансии реализира активности за намалување на сивата економија, како проектот „МојДДВ“ и утврдување законски лимит за плаќање во готово.

Министерката рече и дека Владата во континуитет работи на подобрување на бизнис-климата,во насока на: предвидлива правна рамка, подобрување на инвестициската клима во контекст на примена на пософистицирани технологии и особено креирање на клима за поддршка на малите и средни претпријатија и нивно поттикнување кон иновации, подобрена ефикасност на јавната администрација и поедноставување на административните процедури.

Потенцира дека во тек се повеќе активности кои требa да овозможат зголемување на продуктивноста и конкурентноста на фирмите, појаснувајќи дека преку проектот за Научно-технолошки парк и проектот за грантови за заеднички проекти подготвени од бизнис и образованиот сектор се поддржува иновативноста. Со дигитализација на јавните услуги, се поедноставуваат процедурите на фирмите, односно преку креирање на национален портал е-услуги, кој ќе биде единствена контакт точка за компаниите за електронски пристап до јавните услуги. Со реформите во средното стручно образование се овозможува учење преку пракса и се создава адекватна работна сила за пазарот на труд.

Добрите регионални врски и евроинтеграцијата, рече Ангеловска, им овозможува на партнерите да учат од грешките и добрите практики на другите. Патот кон ЕУ заедно со соседите покажува дека имаме партнери со кои ги делиме и успесите и грешките, рече министерката.

 

Comments are closed.

Close Search Window