Скопје, 12 мај 2014 (МИА) – Белгиската компанија Ван Хол го произведува 210-от автобус во фабриката во ТИРЗ Скопје 2 во Македонија.

На официјалното пуштање во употреба на фабриката денес во присуство на владиниот врв и гости од бизнис заедницата, раководството на Ван Хол најави проширување на производната линија и пласман покрај на американскиот и на европскиот пазар, како и зголемување на бројот на вработени од сегашните 430 на 600.

Досега во фабриката на површина од 37.000 метри квадратни се инвестирани 25 милиони евра.

Инвестицијата на Ван Хол, според премиерот Никола Груевски, е од извонредно значење за Република Македонија, со која се враќа традицијата на автобуската индустрија во државава, се отвораат нови работни места и се испраќаат позитивни пораки до другите инвеститори за бизнис климата.

– Фабриката претставува инвестиција од 25 милиони евра и моментно вработува 430 наши сограѓани, која бројка во наредниот период се очекува да достигне 600. Фабриката веќе работи активно, а околу сто автобуси произведени во неа се извезени во САД. Произведени се вкупно 140 автобуси, а во фаза на производство се 70, што значи дека веќе се работи на производство на 210-от автобус во Македонија, рече Груевски.

Тој нагласи дека со воспоставената соработка на Ван Хол со неколку домашни компании, индустријата на производството на автобуси што беше особено актуелна во минатото денес повторно се враќа на голема врата во Македонија.

Премиерот Груевски изрази задоволство што етаблираниот бренд на Ван Хол на светските пазари се произведува во Македонија, која е нивна прва странска дестинација за инвестирање.

– Нивната одлука да инвестираат во нашата земја  е уште една потврда за успешноста на нашите реформи и условите кои ги создаваме за домашните и странските инвеститори, рече Груевски.

Укажа дека Македонија, благодарение на зголемениот број инвестиции и новите фабрики, годинава очекува да има уште подобри резултати од минатогодишниот трет најголем раст на БДП во цела Европа. Таквите очекувања ги темели на зголемувањето на извозот за 17 проценти во првиот квартал годинава, чии рекордни стапки, како што посочи, доаѓаат токму од ТИРЗ, во државата каде што постојано расте производството.

Извршниот директор и сопственик на Ван Хол, Филип Ван Хол истакна дека успеале да ја изградат фабриката за само една година.

– Успеавме да почнеме со производство и веќе испорачавме 140 возила, ангажиравме 430 вработени, потпишавме поддоговори со повеќе компании. Ова е само почеток, со оглед дека во последниот квартал од годинава ќе почнеме со производство на ново возило за европскиот пазар што ќе донесе нови 140 вработувања, нагласи Филип Ван Хол.

Ван Хол почна со работа во Македонија во јули минатата година, откако во 2012 година беше потпишан договор со Владата за инвестиција од 20 милиони евра во ТИРЗ Скопје 1.

Капацитетот на Ван Хол е прв од фабриките во македонските индустриски зони кој произведува готов производ, а оди под брендот „произведено во Македонија“.  Голем дел од производниот процес веќе вклучува компоненти од македонско производство.

Ван Хол е семејна компанија од Белгија, формирана во 1947 година. Произведува градски и меѓуградски автобуси, како и индустриски возила. Има повеќе од 4.000 вработени во светот и остварува над 450 милиони евра годишен обрт. Над 80 отсто од производството на Ван Хол е наменето за извоз.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window