Скопје, 28 јануари 2014 (МИА) – Измените на Законот за минимална плата, со кои од март годинава треба да започне тригодишното зголемување, се усвоени на последната владина седница. Со нивното изгласување во Собранието, реално ќе започне зголемувањето на минималната плата од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари.

Според социјалните партнери, се работи за историски успех со кој ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, ќе се зголеми мотивираноста и продуктивноста на работниците, а корист ќе имаат и работодавачите. За синдикатите, работодавачите и Владата, значајно е тоа што зголемувањето на минималната плата е направено со заеднички договор меѓу сите социјални партнери.

Од Владата очекуваат дека Законот со кој се предвидува зголемување на минималната плата доследно ќе се применува затоа што е донесен во консултација со сите социјални партнери.

– Со оглед на опсежноста на дијалогот и начинот како се дискутираше за прашањата и согласноста како е постигнато зголемувањето на минималната плата, нема причина да не веруваме дека Законот ќе се спроведува, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната заедничка прес-конференција со синдикатите и работодавачите.

Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата се прави во време кога Македонија има најниско ниво на невработеност и кога се креирани над 100 илјади нови работни места.

– Овој историски успех е во време кога имаме историско најниско ниво на невработеност од 28 проценти, којашто успеавме да ја намалиме од 38 проценти во 2006 година. Сите овие заложби на Владата резултираа и со отворање на над 100.000 работни места што покажува дека во услови на криза и рецесија во Европа, Македонија е земја во која политиките се добро поставени, што го потврдуваат и меѓународните финансиски институции и резултатите на терен, нагласи Ставрески.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, законското решение претставува значаен чекор напред како за работниците и заштитата на нивните права, така и за работодавачите.

– Ова е јасен доказ за нашата ориентираност како Влада да бидеме во постојана комуникација со синдикатите и компаниите, да разговараме за сите предизвици и да наоѓаме решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните. Ова решение, како и многу други, се донесени во директна комуникација со синдикатите и работодавачите и ги има поминато сите истанци, изјави Пешевски.

Синдикатите и работодавачите се задоволни од законското решение и се надеваат дека истото ќе се применува во пракса.

– Иако имаше скептицизам дека социјалните партнери ќе утврдат минимална плата, тоа го направивме со историскиот договор во 2011 година, а денес, во услови на криза, успеавме да се договориме и да ја зголемиме минималната плата. Во време кога секаде имаме драстично намалување на платите и на работните места, Македонија е пример за институционален социјален дијалог кој дава конкретни резултати, рече претседателот на Сојузот на синдикати Живко Митревски.

За претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, добро е тоа што зголемувањето е направено со заеднички конзенсус меѓу социјалните партнери.

Согласно измените на Законот, во март годинава минималната плата од сегашните 8.050 денари ќе се зголеми на 8.800 денари, во март 2015 година ќе изнесува 9.590 денари, а во март 2016 година ќе достигне 10.080 денари. За текстилната и кожарската индустрија ќе има период на прилагодување до 2018 година.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window