Скопје, 18 февруари 2015 (МИА) – Со генерално собрание на Асоцијацијата на балкански комори (АБК), доделување награди за најуспешните и потпишување договор за соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Турција за основање Македонско-турски работен комитет за унапредување на економската соработка и интензивирање на трговската размена меѓу двете земји, Стопанската комора на Македонија денес во Скопје одбележа 93 години од коморското работење.

– Коморскиот систем во светот 400 години успеал да одолее на сите притисоци и закани што постојат, а Стопанската комора на Македонија континуирано опстојува 93 години и ги разрешува големиот број прашања што секојдневно се наметнуваат пред неа и пред интересите на нејзините членки. Годинава Стопанската комора е претседавач со АБК, институција која на денешното генерално собрание во Скопје донесе одлука во наредниот период приоритет да се даде на забрзувањето на протокот на стоките и услугите на коридорите 8 и 10 кои интензивно се градат. Тоа е многу значајно бидејќи понекогаш може да биде многу посериозна пречка отколку нивното неизградување, рече претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во своето обраќање.

Тој посочи дека токму Стопанската комора ќе биде седиште на двата конзорциума кои во наредните години ќе работат на подобрување на протокот на стоки и услуги на коридорите 8 и 10 како клучни во овој регион.

Најави дека Стопанската комора во мај ќе организира конференција на 200-те најголеми бизнис лидери на Балканот која ќе се одржи во Охрид, на која ќе се фокусира на железницата како можност за зголемување на проодноста на коридорите 8 и 10.

– Кон крајот на минатата година поведовме иницијатива да ја прогласиме 2015 за година на конкурентноста, а Владата на Република Македонија ја поддржа. Ќе следи година во која ќе се направат многу активности и ќе се разрешат многу прашања кои беа отворени на тој план и ќе произлезе состојба во која зад нас дефинитивно ќе ги оставиме и приватизациите и транзициите и ќе се сконцентрираме кон намалување на трошоците, што како импут водат кон поголема цена и намалување на нашата конкурентност. Тоа значи дека ќе имаме година во која ќе водиме мачни и тешки преговори за секој наш денар и евро или долар на странските пазари, битка која ќе значи опстанок на македонската економија во услови во кои домашниот пазар е претесен да можеме да ги оствариме нашите цели и амбиции, потенцира Азески. 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека 93 години од постоење е исклучително голем и значаен јубилеј.

– Република Македонија успешно се справува со предизвиците и во изминатиот период заедно со Турција и Ирска имавме највисок раст во Европа од близу 4 проценти. Очекуваме растот да продолжи  и во следните години. Доколку состојбата во Европа се стабилизира и се оствари барем малку повисок раст, македонската економија ќе може да оствари стапки на раст меѓу 4 и 4,5 проценти, што ќе помогне да продолжат позитивните движења во делот на  намалување на невработеноста и зајакнување на конкурентноста на фирмите, порача Ставрески.

Тој нагласи дека како Влада даваат безрезервна поддршка конкурентноста во 2015 година да биде ставена на приоритетно место, но и во подолг временски период.

– Конкурентноста на економијата и на фирмите претставува широк концепт за кој се потребни значајни реформи и отворен дијалог со сите за да се подобри и зајакне. И во изминатите години Владата заедно со коморите работеше на зајакнување на македонската економија. Се виде дека во услови на криза не е најзначајно на краток рок да се постигне што поголем раст, туку како да се направи македонското стопанство да биде поконкурентно  и да може на среден и долг рок да остварува високи стапки на економски раст. Тоа подразбира што повеќе фирми да станат поконкурентни и да можат да извезуваат, појасни Ставрески.

Конкурентноста, нагласи, подразбира подобрување на инфраструктурата, односно подобрување на патните и железничките транспортни коридори.

– Коридорите 8 и 10 се нашите приоритети. Новина е дека Владата е веќе во поодмината фаза на разговори со Светска банка за финансирање на делот од Коридорот 8 од Ранковце кон границата со Бугарија. Очекувам некаде наесен Светска банка да го одобри тој проект и да се исфинансира комплетно нова траса на патот од Ранковце до Крива Паланка во првата фаза, а во втората фаза да следи реконструкција на патот од Крива Паланка до границата со Бугарија, како и да се интензивира градбата на железничката пруга кон Бугарија. Во исто време работиме и на проектната документација за железничката пруга кон Албанија од Кичево до Лин. Со европските институции, пред сè со Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, разговаравме за финансирање и на тој проект, штом се комплетира документацијата и сите студии што се потребни, прецизира Ставрески. 

Потенцира дека конкурентноста подразбира и инвестиции во човечкиот фактор и во образованието. – Во таа насока ќе продолжиме со издвојување значителен износ на буџетски средства за дополнување на квалитетот на образовниот кадар што излегува од факултетите и средните училишта, за да ги има знаењата и вештините што му се неопходни на бизнис секторот. Ветувам дека Македонија како и досега ќе остане земја со највисок степен на ценовна и трошковна конкурентност, односно најниски даноци во светот, како што и моменталната ефективна даночна стапка од 7,4 проценти е најниска во светот, рече Ставрески и додаде дека како Влада ќе останат стабилен партнер на бизнис заедницата.

Претседателот на Унијата на комори и стокови берзи на Турција и потпретседател на Јурочемберс, како и претставник на АБК, Рифат Хисарчиклиоглу посочи дека Стопанската комора на Македонија во изминатите години заврши извонредна работа во негувањето на економските односи со земјите од АБК.

– Македонската економија, и покрај кризата, е во пораст и продолжи со својот стратешки раст, а извозниот потенцијал на Македонија стана привлечен за странските инвеститори, рече Хисарчиклиоглу.

Тој нагласи дека еврозоната годинава може да завлезе во уште поголем пад и додаде дека 45 милиони работници во регионот на ОЕЦД се останати без работа.

– Една третина од невработеноста во регионот на ОЕЦД е заради структурни причини, што значи дека без реформи на пазарот на трудот не може да се реши. Земјите на АБК се поврзани со европските пазари и се засегнати од кризата во Европа па затоа треба да се справиме со сите предизвици за да оствариме одржлив економски раст. Покрај натамошно инвестирање во транспортната инфраструктура потребно е во нашиот регион да се подобри логистиката и квалитетот на работната сила. Неопходна е и дополнителна либерализација на трговијата и отстранување на трговските бариери, истакна Хисарчиклиоглу.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window