Скопје, 16 декември 2014 (МИА) – Премиерот Никола Груевски, заедно со владина делегација, на бизнис форум во Џеда, Саудиска Арабија, ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.

Бизнис форумот, соопшти денес владиниот Сектор за односи со јавноста, се одржа во соработка со индустриската комора на Џеда каде членуваат сите поголеми, средни и мали компании. Градот Џеда е најголемиот пристанишен град и втор најголем град во Саудиска Арабија.

Презентирајќи ги можностите за инвестирање на форумот, премиерот Груевски посочи дека се посветува големо внимание на градење добра бизнис клима и спроведување реформи кои значително ќе ги подобрат условите за инвестирање и водење бизнис во Македонија.

Груевски истакна дека признание за реформите што ги прави Владата, покрај од Светска банка доаѓа и од „Форбс“, кој ја рангира Македонија на 36. место како најдобра земја за бизнис во светот, што е напредок од 46 места во последните 5 години.

– Индексот за економски слободи, според фондацијата „Херитиџ“, ја подобри позицијата на Република Македонија од 78. на 43. место. Индексот за глобална конкурентност ја подобри позицијата на Македонија за 31. место. Престижниот „Foreign Policy“ ја рангираше Македонија на 29. место, истакна Груевски.

Претседателот на Владата на Република Македонија се осврна и на слободните економски зони и потенцијалите кои ги нудат за инвестирање.

– Нашите слободни економски зони беа прогласени меѓу најдобрите 50 слободни зони на иднината за 2012/2013 година од страна на „fDi Magazine“ на „Financial Times“, а оваа година слободната економска зона Скопје е прогласена за најдобра зона за големи корисници во Европа. Планираме 14 слободни економски зони, четири се изградени и целосно функционални, а останатите ќе бидат готови во наредната година до година и пол, потенцира премиерот Груевски.

Тој истакна дека и кредитната агенција Fitch го потврди позитивниот кредитен рејтинг на Македонија со ББ+.

– Македонија е рангирана како четврта најпријателска земја во светот според односот на населението кон странските посетители за 2013 година од страна на „World Economic Forum“, посочи Груевски.

Премиерот Груевски изјави дека ваквите резултати и добрата практика од спроведените реформи се препознаени од голем број компании, а Македонија како привлечно место за инвестирање. Затоа, огромен број компании од други земји во светот ја одбраа Македонија за инвестирање.

Груевски ги покани заинтересираните инвеститори да ја посетат Република Македонија, да разменат мислења и искуства со приватните компании и инвеститорите кои веќе се присутни на македонскиот пазар и лично да се уверат во добрата бизнис клима.
Можностите за инвестирање ги презентираа и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за надворешни работи Никола Поповски, министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Висар Фида и заменик министерот за економија Христијан Делев.

Ставрески посочи дека Република Македонија го нуди најповолниот даночен пакет за компаниите.

– Воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка кој изнесува 10 проценти, а за компаниите кои го реинвестираат профитот овој данок е нула проценти. Истовремено, Македонија е држава и со најниски трошоци за правење бизнис, истакна Ставрески.

Заменик министерот Делев во своето излагање пред присутните ги образложи можностите и потенцијалите за соработка и инвестирање во областа на туризмот во Македонија и тоа во изградба на ски центри, изградба на туристички зони и повеќе енергетски проекти поврзани со гасификација. Делев нагласи дека Владата има готови проекти од овие области кои им стојат на располагање на потенцијалните инвеститори и се добра прилика за отпочнување бизнис во Македонија, како и можност за инвестирање.

– Веќе постои конкретен интерес од одредени инвеститори од областа на недвижностите и здравството, за што е договорена нивна посета и разгледување на можностите за соработка и инвестирање, изјави Делев.

Абид Ал Селами, сопственик на повеќе компании од прехранбената индустрија, посочи дека од искуството од повеќето негови посети во Македонија може да заклучи дека државата е едно од најдобрите места за отпочнување бизнис.

– Државата е едно од најдобрите места за инвестирање и е многу сигурна. Владата врши одлична работа и од она што можев да го видам од моите посети во Македонија можам да ја воочам разликата секој пат кога доаѓам во Македонија, изјави Абид Ал Селами.
Директорот на „Шаба Груп“, која е голема консултантска куќа од Саудиска Арабија, посочи дека Македонија е држава која гради добра и успешна бизнис клима.

– Бев импресиониран од информациите што имав можност да ги слушнам, особено од Премиерот на вашата држава. Тоа се одлични податоци и дознаваме колку е привлечен за инвестирање тој регион. Особено што се информиравме за условите за водење бизнис во Македонија, што е одлично да се чуе. Се надевам дека комуникацијата со владините претставници ќе продолжи, истакна Абдулах Ал Новајсер.

Со бизнис форумот во Џеда, Саудиска Арабија, Премиерот Груевски и владината делегација ја завршија својата економско-политичка посета на Кралството Саудиска Арабија.

Премиерот Груевски од Џеда, Саудиска Арабија, со владина делегација се упати кон Белград, Република Србија, каде што попладне ќе учествува на дводневниот Самит на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window