Скопје, 28 јуни 2014 (МИА) – Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг се меѓу осумте функционални целини за кои Владата на последната седница донесе Предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија.

Измените, како што истакна денеска на прес-конференција премиерот Никола Груевски, се во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целосиходно функционирање на системот.

Покрај наведените три целини предложено е да се пристапи и кон промена на називот на Народната банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона, пристапување кон измени на Уставот, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

– Предлог одлуката да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија е насочена кон подобрување на работата на институциите, воведување нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет. Очекуваме пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани, подвлече премиерот Груевски.

Првата измена, појасни дека се однесува на интервенција во називот на Народната Банка на Република Македонија во насока на нејзино реименување во Банка на Република Македонија

Измените на Уставот ќе овозможат и попрецизно дефинирање на брачната заедница, со што ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

– Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители, рече Груевски.

Третата измена, појасни премиерот, се однесува на создавање на можност за воведување на институтот Уставна жалба.

– Во Република Македонија на граѓаните досега не им стоеше на располагање овој институт, кој е претходно воведен во повеќе држави. Неговата цел е да се зајакне заштитата на човековите права и слободи дефинирани во Уставот. Со оваа иницијатива се предлага воведување на надлежност на Уставниот суд да одлучува по уставна жалба, изјавена против поединечни акти или дејствија на државните органи, единиците на локалната самоуправа или носителите на јавни овластувања со кои се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на: дискриминацијата, правото на живот, тортура, правото на слобода на човекот, презумпцијата на невиност и фер судење, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот и вероисповест, јавниот настап и информирање,…, истакна Груевски.

Според него, со закон ќе биде уредена постапката за поднесување на уставна жалба, која ќе може исклучиво да ја поднесат само физички и правни лица на кои им се повредени наведените слободи и права, како и рокот за поднесување на уставната жалба. – Со можноста орган во Република Македонија да одлучува за заштитата на правата на граѓаните се воведува силен механизам за заштита за уставно загрантираните права и слободи, и ќе се влијае на намалување на тужбите до Судот за човекови права во Стразбур, смета претседателот на Владата.

Судскиот совет досега го сочинуваат 15 члена, меѓу кои по функција членови се и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда. Осум члена на Советот се од редот на судиите, тројца ги избира Собранието на Република Македонија и двајца ги предлага претседателот на Република Македонија. Со измените се предлага зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите.

– Со оваа иницијатива се предлага промена на составот на Судскиот совет во однос на исклучување на членовите по функција – министерот за правда и претседателот на Врховниот суд и зголемување на бројот на членови на Советот, кои се избираат од редот на судиите, односно се предлага постојниот број од осум да се зголеми на 10, рече Груевски, додавајќи дека зголемувањето на бројот на членовите судии се предлага заради натамошно јакнење на независноста на судството.

Петата измена се однесува на промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител.

– Со предложената иницијатива се предлага воведување надлежност на Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител. Еден од меѓународните стандарди во сферата на независноста на судството е оној кој гарантира дека при одлучувањето за дисциплинските санкции судијата има право да поднесе жалба до повисока судска институција, нагласи премиерот Груевски.

Со измените се предлага и да се пристапи кон на воведување на уставно дефиниран максимум до кој може да се движи буџетскиот дефицит и лимитирање на јавниот долг.

– Република Македонија иако успешно се справи со светската економска криза со оваа иницијатива се има намера во Уставот превентивно да се вградат механизми, што гарантираат фискална дисциллина и стабилност, тргнувајќи од најдобрите европски практики по примерот на земјите кои извршија уставни измени во оваа насока, меѓу кои Германија, Шпанија, Словенија, Австрија, Полска, Италија, рече Груевски.

Во насока на создавање на силна финансиска дисциплина премиерот појасни дека предлогот е нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до три проценти од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60 отсто од БДП.

– Ова ќе преставува нов квалитет, и силна гаранција, дефинирана со Устав, за оваа или било која идна Влада, домаќински да се однесува со буџетот, и дефицитот како и јавниот долг да биде на стабилно и одржливо ниво. Ова е согласно заложбите за креирање на економски напредок и функционирање на економски стабилен систем, нагласи Груевски, посочувајќи дека ќе се имплементираат при подготовката на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Преку создавањето на Уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди, според Груевски ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Република Македонија преку создавање на услови за привлекување на меѓународни финансиски трговски друштва.

– Со оваа можност се отвара вратата на сериозни и големи финансиски трговски друштва кои би биле во функција на креирањето на економски развој, подвлече претседателот на Владата.

Осмата измена, додаде тој, се однесува на Државниот завод за ревизија, со цел негово дефинирање како уставна категорија.

Comments are closed.

Close Search Window