Скопје, 13 ноември 2014 (МИА) – Присуството на европските компании во Македонија придонесува за подобрување на квалитетот на севкупното работење преку воведување нови технологии и знаења, како и нови менаџмент практики и поефикасно корпоративно уредување, порача премиерот Никола Груевски на одбележувањето на десетгодишнината од основањето на Европската бизнис асоцијација (ЕБА).

Тој ги повика компаниите членки на ЕБА, но и сите останати да го вложат својот потенцијал за успешно поврзување и искористување на бизнис можностите за соработка кои ги нуди присуството на сè поголем број странски компании во Република Македонија.

– Владата, како и досега, ќе работи на исполнување на стандардите во сите сфери, на спроведувањето на европското законодавство во пракса. Нашите континуирани напори за приближување на земјата кон ЕУ и НАТО даваат сигурност за странските инвеститори дека се обезбедува политичка стабилност, квалитет на институциите и развој на демократските процеси, како и остварување на економскиот развој. Македонија во континуитет одржува макроекономска стабилност со ниска стапка на инфлација, избалансирани јавни финансии, со одржливо ниво на буџетски дефицит и низок до умерен јавен долг, што говори дека економските политики се соодветно поставени, потенцира Груевски.

Тоа, како што нагласи, придонесе земјата успешно да се справи со предизвиците кои произлегоа од светската економска и европската должничка криза.

– Во услови на криза Македонија успеа да оствари релативно високи стапки на раст споредено со земјите од ЕУ и од регионот, со исклучок на најкризните 2009 и 2012 кога забележа минимален пад на економијата. Значителен придонес кон остварувањето позитивен раст има политиката на Владата за поддршка на економијата преку капитални инфраструктурни проекти и привлекување странски директни инвестиции, рече Груевски нагласувајќи дека во првата половина од годинава Македонија забележа втор најголем раст во Европа.

Нагласи дека е важно да се каже дека сите сектори бележат раст, а особено индустријата и извозот кој порасна за 16,2 отсто и додаде дека извозот од ТИРЗ достигна до 950 милиони евра, со што сочинува над 30 проценти од вкупниот извоз од земјава.

Истакна дека клучен придонес за позитивниот раст имаат сеопфатните реформи за подобрување на бизнис климата во Македонија, со што земјава со вкупна даночна стапка од 7,4 проценти е рангирана на првото место во светот за најниско даночно оптоварување на бизнисот, според извештајот Дуинг бизнис 2015.

– ЕУ е најголем трговски партнер на Македонија и во 2013 година 66,6 проценти од вкупната надворешна трговска размена е со земји членки на ЕУ, а во периодот јануари – септември 2014 година тој процент е зголемен на 69,4 отсто, при што 77,2% од вкупниот извоз е во земјите членки на ЕУ. Исто така, дури 85 проценти од вкупните странски инвестиции во Република Македонија доаѓаат од земјите на ЕУ. Овој тренд очекуваме да продолжи и во идниот период преку присуството на сè поголемиот број европски компании во земјава, рече Груевски.

Тој посочи дека една од клучните цели во наредниот период ќе биде обезбедување поддршка за вклучување поголем број домашни компании во синџирот добавувачи на странските компании, кои инвестираат во ТИРЗ, во индустриските зони или надвор од нив.

– На тој начин ќе се искористат потенцијалите со кои располагаат овие компании и ќе се отворат нови работни места, рече Груевски потенцирајќи дека Владата обезбеди поддршка во таа насока преку повеќе мерки.

Потенцира дека поволната бизнис клима во Македонија беше препознаена од повеќе европски инвеститори кои отворија фабрики, а некои се одлучија да инвестираат и во дополнителни капацитети.

– Владата на отворен и транспарентен начин ќе им ги обезбеди сите потребни услови на заинтересираните домашни и странски инвеститори за да можат непречено да ги реализираат своите инвестициски проекти. Во таа насока, и натаму сме отворени за соработка со бизнис заедницата, порача Груевски.

Претседателот на ЕБА Григор Бишев рече дека нивната асоцијација ги претставува компаниите што се основани од мајки компании во ЕУ, со долгорочна традиција и долгорочни економски интереси во Македонија.

– Инвеститорите и компаниите што доаѓаат од ЕУ играат значајна улога во Република Македонија. Ние сме едни од најдобрите амбасадори во промовирањето на Македонија надвор, како и во привлекување инвеститори и промовирање вредносни системи и стандарди во работењето, кои ќе придонесат за побрзо економско интегрирање на Македонија во ЕУ, рече Бишев.

Тој посочи дека ЕБА има одлична соработка со синдикатите и со владините тела кои ја гледаат како позитивен партнер и нагласи дека министрите секогаш се отворени да ги слушаат барањата на ЕБА.

– Во интерес на сите нас е да имаме стабилен економски амбиент за стопанисување и брз пристап до пазарите бидејќи најголем дел од услугите и производите се пласираат во странство. Исто така ни требаат и ефикасни и стабилни институции. Тоа е подеднаков интерес како на членките на ЕБА, така и на сите компании во Македонија и на носителите на економските политики. Ние како компании тоа го бараме за да ги оствариме нашите функции, а остварувајќи ги нашите функции ние отвораме нови работни места, го зголемуваме производството и на тој начин придонесуваме за подобрување на животниот стандард и економскиот раст на националната економија, рече Бишев.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека намалувањето на растот на европската економија претставува предизвик за Македонија, бидејќи е високо интегрирана со европската економија.

– Македонската економија сè уште докажува дека е отпорна и имаме добар раст оваа година. Двата главни столба на раст се фискалните стимулации преку спроведувањето различни инфраструктурни проекти и извозот поттикнат од компаниите во слободните економски зони, а во одредена мера и од домашните компании. Главното прашање е колку е одржлив овој модел на раст и што може да се очекува во следниот среднорочен период, рече Ставрески.

Одговорот, нагласи, е дека моделот е одржлив во балансот меѓу инфраструктурата и фискалните стимулации, но учеството на приватниот сектор треба полека да се пренасочува, давајќи поголема улога на приватниот, а помала на јавниот сектор.

– Македонија може да ја направиме поконкурентна преку инвестиции во човечки инфраструктурен капитал. Како Влада, во наредниот период ќе инвестираме во нови патишта, пруги, инвестиции во енергетската инфраструктура, завршување на гасификацијата и гасната мрежа… Од друга страна, треба да продолжиме со инвестиции во човечкиот капитал, бидејќи сакаме да ги подобриме вештините на работната сила и да ја направиме попривлечна за компаниите, рече Ставрески.

Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека ЕБА порасна во респектабилна организација која ги штити интересите на инвеститорите, но и на локалните компании и притоа има тесни бизнис врски со земји од ЕУ.

– ЕБА работи континуирано, сега и во минатото, врз привлекување на вниманието врз конкретните потреби на европските бизнисмени, рече Орав и додаде дека е очигледно дека Владата на Република Македонија и понатаму останува посветена на раст и развој на приватниот сектор.

Тој посочи дека и во последниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија е констатирано дека земјава има постојан напредок во полето на економијата.

– Убеден сум дека Владата во наредниот период ќе направи сè за да ги отстрани  забелешките во Извештајот. Ако тоа се примени, ќе привлече уште странски инвестиции, ќе отвори уште работни места и можности за извоз на локалните фирми, што е важно и за вас и за нас, рече Орав.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window