Дизелдорф, 27 февруари 2014 (МИА) – Македонија нуди најконкурентни услови за правење бизнис во регионот. Тоа го забележаа повеќе странски компании кои веќе работат во Македонија, а некои од нив одлучија и да реализираат своја втора инвестиција.

Ова синоќа го истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Дизелдорф, пред претставници на повеќе германски компании од автомобилскиот сектор, инфраструктурата, телекомуникациите, туризмот, банкарскиот и осигурителниот сектор.

– Американските Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Џонсон Мети, Ванхол, Технокозе, Продис, Гришко…, веќе инвестираа и ја пронајдоа Македонија како најдобра бизнис дестинација. За нас е многу важно што оние кои дојдоа одлучија по втор пат да инвестираат. Ако условите се негативни, тие нема да донесат таква одлука, рече премиерот.

Тој потенцира дека третманот на инвеститорите во Македонија е многу подобар отколку во многу други земји. – Ако дојдете, ќе наидете на Влада која е многу пријателски насочена кон инвеститорите и бизнисот. Ние имаме тим кој на дневна база комуницира со нив, истакна премиерот, јави известувачот на МИА од Дизелдорф.

Посочувајќи ги предностите што ги нуди Македонија како бизнис дестинација, ги напомена макроекономската стабилност, даночниот систем, доброто функционирање на институциите, ниските трошоци за водење бизнис, можност за извоз на европските пазари без царина со потпишаните договори за слободна трговија, како и предностите што ги нудат технолошко индустриските развојни зони.

Груевски истакна дека во изминатите години се имплементирани низа мерки кои ја подобрија бизнис климата и претставуваат значајни поволности за странските инвеститори, и оти тоа го потврдуваат и релевантни меѓународни институции.

– Во последните седум Дуинг бизнис извештаи на Светска банка, Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот. По бројот на вкупно спроведени реформи од 2005 година до сега, Македонија е на високото трето место во конкуренција со 189 земји во светот. Од 2006 година досега, на листата на Дуинг бизнис, Македонија напредуваше од 94 на 25 место, што е скок од дури 69 позиции. Во извештајот на магазинот „Форбс“ за Најдобри земји за водење бизнис, Македонија е рангирана на 36 место и бележи напредок од 46 места споредено со 2007 година, а напредок од 35 места бележиме и според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“, од 78 на 43 место, истакна премиерот.

Предност за странските компании кои ќе одлучат да инвестираат и работат во Македонија е што ќе наидат на квалификувана работна сила.

– Имаме добра, образована работна сила, со добри работни навики и вештини, која е лојална на компаниите, истакна вицепремиерот Ставрески.

Тој додаде дека постои добра соработка меѓу приватниот сектор и универзитетите и оти факултетите можат, на барање на компаниите, да воведат посебни програми за одредени квалификации.

Добрите бизнис услови ги потврдија и странските инвеститори кои веќе работат во Македонија.

Дирк Гурзених од ПЦЦ ДЕГ Реневебл, компанија која има добиено пет концесии за мали хидроцентрали, од кои едната е веќе изградена, рече дека најважно е тоа што Владата ги слуша потребите на инвеститорите за подобри услови за работа.

Добри искуства од работењето во Македонија пренесе и Кемет Електроникс. Андреас Меер вели дека во Македонија дошле во 2010 година, откако за земјата дознале од Си-Ен-Ен.

– Откако донесовме одлука за проширување на нашето производство, разгледувавме повеќе места во ЈИЕ, меѓу нив и Македонија. Дојдовме и ги добивме сите потребни информации од претставници на Владата до кои имавме пристап, рече Меер додавајќи дека тоа била една од причините да донесат одлука да инвестираат во Македонија, како и ниските трошоци за правење бизнис.

Во Македонија, вели, најдовме соодветни кадри, со техничко образование, со познавање повеќе странски јазици. За проширување на производството во Македонија, истакна дека ќе гледаат да инвестираат доколку тоа има бизнис логика за нив.

Премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим продолжува со економската посета во Штутгарт, каде ќе се одржи нов Бизнис форум во соработка со Фајненшл Тајмс.

Германија е трет најголем инвеститор во Македонија. Меѓу германските компании кои ги искористија можностите за инвестирање во Македонија се Дрекслер маер и Кромберг и Шуберт, а потврдена е и инвестицијата на Макард.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window