11 Мај 2018, Скопје – Министерот за финансии  ги отвори „Деновите на финансиска писменост“. Граѓани од сите возрасти присуствуваа на саемот за финансиска писменост во организација на Министерството за финансии, Народната Банка и регулаторите.

Министерството за финансии е активно вклучено во финансиска едукација пред се помеѓу младите. Ние изминатиот месец имавме посета од ученици од основни и средни училишта во кои што зборувавме на финансиски теми. Планираме обуки и за други целни групи на кои ќе се зборува на теми важни за нив. – истакна министерот во своето обраќање.

Според министерот важно е да имаме информирани граѓани. Тие ќе можат да донесат правилна финансиска или инвестициска одлука.

Од Граѓанскиот буџет за сите возрасти, до организираните посети на министерството од страна на ученици, средношколци и студенти се е во насока на унапредување на финансиската писменост.

Министерот ја спомена и заложбата на МФ за фискалната транспарентност. Транспарентноста во трошењето на парите на граѓаните предизвикува зголемена одговорност и контрола на носителите на Власт.

Во однос на клучната активност на Министерството за финансии – Буџетот на Република Македонија, ние од минатата година започнавме редовно да објавуваме Граѓански буџети. Неговата цел е на граѓаните на едноставен и разбирлив начин да им објасни како се трошат парите преку институциите, кои што се собираат од даноци. Оваа прилика ја користам да укажам и дека секоја сугестија и коментар за негово подобрување е добредојден. -додаде министерот за финансии.

Министерот ги повика присутните да го искористат присуството на вработените од различните институции и организации.

Во следните три дена, граѓаните можат да се информираат на теми поврзани со финансиите. На саемот претставниците на финансиските институции ќе бидат присутни до 20 часот. 

 

Comments are closed.

Close Search Window