25 ноември 2019, Скопје – Во продолжение е експозето на министерката за финансии Нина Ангеловска за Предлог-Буџетот за 2020 година на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.

Почитувана Претседателке на Комисија за финансирање и буџет, г-ѓа Лилјана Кузмановска

Почитувани пратеници,

Најпрво би сакала да Ве поздравам и да изразам искрено задоволство од очекувањата за конструктивна дебата по однос на Предлог Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година. 

Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места?

Во  2020 година сериозно ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани. Ова го правиме заштоа што сме должни како Влада да се фокусираме на овие клучни области:

Пред да преминам на презентацијата на проекциите во Предлог-Буџетот за 2020 година, би сакала да истакнам дека како млад човек кој се родил, се образувал и градел во оваа земја, како човек што работел и создавал овде, чувствувам лична обврска со овој Предлог-буџет да го адресираме она што со години било запоставувано – а тоа е нашиот највреден капитал – луѓето. Оваа моја лична обврска и заложба ја темелам врз јасни параметри, како што е индексот на човечки капитал.
Индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува 0,53, ова значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53% од својот потенцијал, согласно условите кои што им се обезбедуваат. Ако ги гледаме најразвиените економии во светот како САД, Германија, Швајцарија, Норвешка, Холандија, кај нив потенцијалната продуктивност е околу 80%. Земјите од Европската унија не заостануваат многу, со потенцијална продуктивност од 75%, додека во регионот таа се движи околу 65%. Овие податоци покажуваат дека, инвестициите во столбовите на човечкиот капитал, не само што се оправдани, туку се и неопходни. За оваа намена, во Предлог-буџетот за 2020 година издвоивме наjвисоки досега 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита. 

Со инвестирањето во човечкиот капитал – директно инвестираме во подобрувањето на продуктивноста на идните генерации, со што придонесуваме кон посилен економски раст и развој. За да работната сила биде попродуктивна како и да се подобри животниот стандад на севкупното население, потребни се и ивестиции во физичкиот капитал, односно опрема и инфраструктура. Верувам дека и вам ви е повеќе од јасна, потребата и целта на овој Предлог-Буџет, столбовите кои што овој Предлог-Буџет ги поставува и насоките кои ги трасира. Ова е само првиот чекор – во Владата се дискутира за Национална стратегија за развој на човечкиот капитал која ќе има за цел да го зголеми потенцијалот на идните генерации во нашата земја. Со ова, ќе обезбедиме континуирано инвестирање во човечкиот капитал.

Почитувани пратеници,

сега би дала краток осврт на економската активност и фискалните движења во тековнава година, кои претставуваат основа за подготовка на буџетот.

Растот на економската активност во првото полугодие од 2019 година достигна 3,6% и е широко-базиран раст. Имено, градежната дејност забележа раст од 4,7%, што најмногу се должи на извршените градежни работи во делот на нискоградба. Услужниот сектор забележа раст од 3%, главно како резултат на зголемената активност во трговската и транспортната дејност. Растот во индустрискиот сектор изнесува околу 2%, а земјоделската дејност забележа раст од 8,4%. Силниот придонес на приватната потрошувачка врз економскиот раст продолжи во првото полугодие од 2019 година, поттикнат од растот на платите и вработеноста во економијата. Кај бруто-инвестициите се забележани значителни позитивни поместувања, при што растот достигна 10,4%, и е придружен со висок раст на извозот на стоки и услуги.

Вработеноста во второто тримесечје е зголемена за 5,2%, односно креирани се приближно 40 илјади нови работни места на годишна основа, со што стапката на невработеност достигна историски најниско ниво од 17,5%.

Високофреквентните индикатори покажуваат продолжување на поволните движења во економијата. Така:

Во однос на реализацијата на Буџетот на Република Северна Македонија заклучно со октомври 2019 година, можам да кажам дека реализацијата на приходите и приливите е генерално во рамки на очекувањата, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.

Во периодот јануари – октомври 2019 година, вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 166,8 милијарди денари, и се повисоки за 8,6% во однос на истиот период од претходната година, како резултат на подобрата наплата на сите видови приходи: даночни и неданочни приходи, социјални придонеси и странски донации. 

Расходите во овој период се реализираа во износ од 172,1 милијарди денари и се за 7,9% повисоки во однос на истиот период минатата година. Во периодот јануари-октомври 2019 година, остварен е дефицит на Буџетот на РСМ во висина од 5,4 милијарди денари, што претставува 0,8% од БДП. Дефицитот е за 606 милиони денари понизок од остварениот дефицит во истиот период минатата година.

Државниот долг на Република Северна Македонија на 30.9.2019 година изнесува 4,4 милијарди евра, односно 39,2% од БДП, додека јавниот долг на изнесува 5,4 милијарди евра, односно 47,7% од БДП. Долгот во текот на 2019 година остана стабилен, без поголеми промени, а споредено со крајот на 2018 година, државниот долг бележи намалување и е понизок за 1,4 процентни поени од БДП, a јавниот долг е понизок за 0,9 процентни поени.

Во однос на очекувањата за макроекономските движења кои се основа на проекциите во Предлог-Буџетот за 2020, би сакала да потенцирам дека во домашната економија се очекува да продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки. 

Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3%, придвижена од очекуваното зголемување на доходот на домаќинствата, што е одраз на предвидениот раст на платите и вработеноста во економијата, поттикнат од владините мерки за зголемување на нивото на платите, мерките за намалување на невработеноста, како и активација и зајакнување на социјалната заштита на ранливите категории на население. Проекцијата за раст на јавната потрошувачка во 2020 година изнесува 2%.

Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за 8% на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, посебно тие во патната инфраструктура, странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, како и континуираната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, поддршката на иновативната дејност и технолошкиот развој.

Растот на извозот се очекува да продолжи во 2020 година, но со нешто послаба динамика во однос на 2019 година. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,3%, придвижен од извозот на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, поддржан и од мерките за поттикнување на извозот и освојувањето на нови пазари. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2020 година се очекува да изнесува 8,7%.

Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, економскиот раст во 2020 година е проектиран на 3,8%. Ова проекција е во линија со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ = 3,4%, НБРМ = 3,8%), што претставува уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реални претпоставки како најсоодветен инпут за реални фискални проекции и одговорна фискална политика.

Стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска, односно 1,7%, со динамика која ќе биде главно под влијание на движењето на светските цени на примарните производи.

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат преку активните мерки и програми за вработување, поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места, како и други мерки за намалување на невработеноста. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2020 година изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на ново историски најниско ниво на околу 16%. Растот на просечната нето-плата во 2020 година се очекува да изнесува 6,3% на номинална основа.

Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок во износ од 1,2% од БДП. Предвидените движења во платниот биланс ќе резултираат со задржување на девизните резерви на адекватно ниво. Стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе се задржи и во 2020 година, во функција на одржување на ценовната стабилност како крајна цел на монетарната политика.

Почитувани пратеници,

Пред вас денес претставувам еден реален буџет, кој што ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а  кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.

Имено Предлог-Буџетот за 2020 година предвидува:

  • создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, социјалните партнери, заштита на работничките права, недискриминација, зголемена ефикасност, како и поддршка и развој на малите и средни претпријатија;

 Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 239,7 милијарди денари.

Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ. Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2020-2022 и ја потврдува силната посветеност на фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните преку обезбедување на повисоки плати и пензии, средства за повисоко ниво на социјална правда, како и значителни вложувања во инфраструктурни проекти.

Проекциите за приходите на Буџетот за 2020 година се базираат на:

Даночните приходи за 2020 година се планирани во износ од 130,1 милијарди денари врз основа на горенаведените претпоставки. Најголемо учество во планираните даночни приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8%, додека на акцизите отпаѓаат 22,2%. 

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 67 милијарди денари. Во оваа проекција вклучен е ефектот од зголемување на стапките на социјалните придонеси од 0,5 процентни поени кој е оценет на ниво од околу 1,1 милијарди денари во буџетите на соодветните социјални фондови.

Во Буџетот за 2020 година планирано е 17,3 милијарди денари да се остварат по основ на неданочни приходи, 2,2 милијарди денари како капитални приходи и по основ на донации предвидени се 5,6 милијарди денари кои буџетските корисници е планирано да ги реализираат на сметките за сопствени приходи за конкретни проекти, како и повлекувањата од предпристапните фондови на ЕУ.

Вкупните расходи во Буџетот за 2020 година, планирани во износ од 239,7 милијарди денари, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, како и за поддршка на домашната економија, силна поддршка на приватниот сектор и граѓаните, инвестиции во човечките потенцијали, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, поттикнуваање на странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, како и приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО. Во оваа насока, обезбеден е досега највисокиот буџет од 10 милијарди денари за Министерството за одбрана како предводник на реформските активности на Република Северна Македонија во постигнување на стратегиската цел на државата – членство во НАТО. Планираниот износ на средства ќе придонесе кон реформи во одбранбениот сектор согласно НАТО стандардите, модернизирање и опремување на АРМ, професионална подготовка на припадниците на АРМ и долгорочен развој на одбрана.

Тековните расходи за 2020 година се планирани во износ од 216,1 милијарди денари, наменети за редовна исплата на веќе зголемените плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на зголемени пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, засилена поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и мерките за зголемување на платите и субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување, односно финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра.

Во овие рамки:

·          Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 30,6 милијарди денари. Во рамки на овие средства планиран е ефектот од веќе реализираното покачување на платите за 5% за вработените кај буџетските корисници во последниот квартал од 2019 година, во насока на подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, како и ефектот од новото зголемување на платите на вработените во образовните институции на централно ниво за 10%.

·          Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 20,8 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници. Тука е вклучено зголемувањето на средства за финансирање на здравствените програми, за прв пат воведување на инклузивно образование, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите и за законското решавање на проблемот со станбено обезбедување на припадниците на Армијата, како и обезбедувањето на средства за парламентарни избори во 2020 година.

·          Тековните трансфери и субвенции планирани во 2020 година на ниво од 156,4 милијарди денари се однесуваат на:

·          Социјалните трансфери се проектирани на износ од 116 милијарди денари. Во текот на 2020 година 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии како соодветно обезбедување на оваа категорија на население. Со буџетот за 2020 година е планирано покачување на пензиите за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија. Ова зголемување е предвидено како дополнително, над редовната индексација со трошоците на живот, со цел да се овозможи соодветно ниво на пораст на животниот стандард и кај повозрасните лица, следејќи го подобрениот животен стандард на вработените, како и економските параметри (посебно порастот на просечната плата и минималната плата). За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 1,6 милијарди денари.

·          За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 1,3 милијарди денари, кои ќе бидат насочени кон креирање на програми, мерки и услуги за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, вработувањето на млади лица, обезбедување на младински додаток и младинска гаранција, поддршката за вработување на лица со попреченост, активација на корисниците на гарантирана минимална помош (ГМП) на начин што работоспособни членови на домаќинството ќе се вклучат во активните програми и мерки за вработување заради подобрување на нивната вработливост и вработување. Планираниот износ за 2020 година претставува највисок износ на буџетски средства за активни мерки за вработување.

·         За здравствена заштита се планирани средства во износ од 33,7 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на 2019 година за околу 2,8 милијарди денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги и превземените мерки во оваа област како зголемување на капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи. Со буџетот за 2020 година, предвидено е покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Ова следи по покачувањето на платите за 10% од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5 % во септември 2019 година за сите кадри во здравството, односно трето покачување досега.  

·           Обезбедувањето на соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за постигнување на повисоко ниво на социјална правда. Оттука, во буџетот по овој основ планирани се средства во износ од 10,5 милијарди денари, во чии рамки е опфатена веќе започнатата реформа на системот за социјална заштита преку воведување на гарантиран минимален приход. Со реформата на социјалната заштита од 2019 година се изврши редизајнирање на видовите и таргетирањето на социјалната помош, со цел поддршка на најранливите категории, како и обезбедување на социјална сигурност на старите лица.

·          Со субвенциите во земјоделството и средствата од ИПАРД програмата ќе се обезбеди зајакнување и поддршка на овој сектор со цел зголемување на извозот на македонските земјоделски производи и освојување нови пазари.

·          За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициски вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања, поддршката на малите и средните претпријатија, иновативната дејност, технолошки развој и истражување и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони планирани се средства во износ од околу 3 милијарди денари.

·          Трансфери до ЕЛС во износ од 21,4 милиони денари за финансирање на пренесените надлежности на општините и приходи остварени од ДДВ. Овие средства во однос на 2019 година се зголемени за 2,2 милијарди денари, од кои 130 милиони денари по основ на ДДВ дотација, додека 2,1 милијарди денари е зголемена блок дотацијата. Во овие рамки се обезбедени средства за веќе зголемените плати за вработените во институциите од пренесените надлежности на ЕЛС за 5% во 2019 година, односно платите на вработените во училиштата, градинките, домовите за стари лица, културните установи и пожарникарите. Дополнително во насока на мотивирање на наставниот кадар, кој е клучен за градење на квалитетни идни генерации, обезбедени се средства за покачување на платите на просветните работници за 10% почнувајќи од јануари 2020 година.

Капиталните инвестиции планирани на ниво од 23,6 милијарди денари, се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Во рамки на оваа ниво на капитални инвестиции најзначајно учество имаат квалитетните и продуктивните инвестиции во патна и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. На овие инвестиции отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2020 година. Тука најзначајни се:

Почитувани пратеници,

Проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди  денари, односно 2,3% од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, која ќе допринесе за одговорно располагање со парите на граѓаните. Притоа, покрај за покривање на дефицитот, ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари. Овие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Понатаму, задолжувањето на домашниот пазар ќе се реализира преку краткорочен домашен кредит како и преку издавање на државни хартии од вредност, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите.

Сумарно, нето-задолжувањето, односно разликата меѓу ново задолжување и отплата на стари долгови во 2020 година ќе изнесува 19,7 милијарди денари (12,3 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 7,4 милијарди денари нето-надворешно задолжување). 

Со овие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,4 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 1,1 милијарди денари како депозит (и дополнително ќе се отплатат 1,5 милијарди денари структурни обврзници за денационализација и обврзници за надоместување на селективни кредити на НБРСМ). 

Акумулирањето на депозити на сметка е особено значаен елемент, и укажува на водење на одговорна фискална политика, која перцепира стабилност на долг рок. Стабилноста на долг рок подразбира државата да биде подготвена за навремено враќање на големите и скапи кредити кои беа земени во минатото, а кои треба да се вратат со буџетот за 2020 година и како и во наредните буџетски години. Во овој контекст треба да се имаат во предвид 2020 и 2021 година  кога за враќање доспеваат околу 835 милиони евра само по основ на само три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година). На овој износ треба да се додадат и останатите  отплати на долгови на домашен и странски пазар. 

         Почитувани пратеници,

Имајки предвид дека Буџетот е еден од најзначајните акти за било која Влада и држава, сметам дека Предлог-буџетот за 2020 година заслужува конструктивна дискусија која ќе биде базирана на аргументи и меѓусебно почитување. Верувам во потенцијалот овој Предлог-буџет да биде поддржан од сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Ви благодарам за вниманието. 

 

Comments are closed.

Close Search Window