Скопје, 17 септември 2013 (МИА) – Заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини на покана на Министерството за образование, наука и технологија при косовската Влада, денеска и утре присуствува на Меѓународната конференција за економско образование која се одржува во Република Косово.

 

Конференцијата, соопшти Министерството за финансии, се организира од страна на Министерството за образование, наука и технологија на Република Косово, со поддршка на проектот на ГИЗ „Развивање на капацитети во секторот на основно образование во Косово“.

 

На меѓународната конференција присуствуваат високо рангирани личности од политичкиот, образовниот и академскиот сектор од земјите од регионот како и организациите на граѓанското општество кои дебатираат околу важноста на инвестициите во полето на образованието, како и начинот за постигнување на целите кои водат кон изградба на една модерна држава со перспектива кон европската интеграција.

 

Заменик-министерот Џеладини ја нагласи важноста на поврзаноста меѓу образованието и финансиите, како и економскиот развој. Тој посочи дека финансиската поддршка која една држава ја дава за развојот на образованието ги мотивира новите генерации да се посветат на нивните студии и создава позитивен поврат за развојот на економијата.

 

– Многу млади кои студирале и ги завршиле нивните студии се успешни менаџери на компании, носители на функции во различни институции, универзитетски професори итн. Образованието секогаш било и ќе остане столб за унапредување и меѓународна интеграција на една држава, додаде заменик-министерот за финансии Џеладини.

 

Comments are closed.

Close Search Window