15 март 2018, Скопје – Координативното тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија, што го сочинуваат Народна банка на Република Македонија, Министерство за финансии, Агенција за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисија за хартии од вредност, во соработка со Бирото за развој на образованието и Сојузот на микрофинансиски организации, оваа недела ја одбележуваат Глобалната недела на парите (12 март ‒ 18 март). Одбележувањето ќе продолжи во текот на целиот овој месец.

За време на Глобалната недела на парите ќе се организираат посети од страна на повеќе основни и средни училишта од Скопје и од останатите градови, како и од руралните средини во просториите на петте регулатори (Народна банка на РМ, Министерство за финансии, Агенција за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисија за хартии од вредност). 

Веќе шест години по ред се организираат активности од овој вид, а целта е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население на Република Македонија. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите што самите институции ги покриваат, односно од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth Finance International), се одржува на светско ниво уште од 2012 година, во чии рамки досега се одржале преку 73.000 активности во кои се вклучени над 8 милиони деца и млади во повеќе од 137 земји и повеќе од 24.000 организации и институции. Оваа глобална иницијатива ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемништвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните институции. Целта на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини. Темата на годинешната Глобална недела на парите е „Парите имаат значење“, со намера младите луѓе да научат мудро да управуваат со парите што ги поседуваат и да штедат за својата иднина.

Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: http://globalmoneyweek.org/

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window