Скопје, 1 декември 2014 (МИА) – Европската комисија ѝ додели на Македонија 20 милиони евра грант за развој на земјоделството и руралните општини, кои ќе бидат искористени во рамки на два проекта – едниот наменет за инфраструктурни проекти во руралните општини и вториот за наводнување, како дел од програмата ИПАРД. Со потпишувањето на овие два договора, секоја од руралните општини ќе добие по 240.000 евра, додека урбаните општини по 120.000 евра.

Денеска во Министерството за финансии договорите ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Аиво Орав и претставникот на Светска банка во земјава, Беким Имери.

Како што истакна вицепремиерот Ставрески, кон првиот договор на грантот во износ од 15,5 милиони евра неповратни средства од ЕУ, од Буџетот на РМ ќе бидат издвоени уште 5,2 милиони евра, со што вкупната сума за развој на руралните средини ќе изнесува 20,7 милиони евра. Овој Проект, додаде, е насочен кон поголема апсорпција на средствата што ЕУ ги лоцираше за РМ преку структурните фондови ИПА за 2013 година, поточно во петтата ИПА компонента за подобрување и развој на руралната средина.

– Врз основа на искуствата што претходно ги имавме со Светска банка и веќе востановените практики за имплементација на слични проекти, како што е проектот МСИП, дел од средствата за рурален развој од ИПА ќе се администрираат од страна на Светска банка, а оперативно проектот ќе се спроведе преку МСИП единицата во Министерството за финансии, односно преку Проектот за подобрување на општинските услуги, којшто се спроведува веќе неколку години. Со овој Проект се поддржува рамномерниот регионален развој и развојот на руралните средини, односно ќе биде насочен кон создавање поквалитетни услови за живот и економски развој на понеразвиените подрачја. Во таа насока, Проектот се вклопува и во приоритетите на Владата на РМ, како и во приоритетите на Европската агенда за рамномерен регионален развој, рече Ставрески.

Најголем дел од средствата од овој Проект што се спроведува по прв пат, ќе бидат наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти, како што се водоснабдување, третман на отпадни води, управување со цврст отпад, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, основна инфраструктура која обезбедува пристап до електрична енергија, енергетска ефикасност, улично осветлување, изградба на туристички и рекреативни објекти, детски градинки, младински културни центри и сè што ќе предложат општините, а ќе биде оценето како приоритет од нивна страна.

– Овие средства општините ќе ги добијат неповратно, без обврска за враќање, и врз основа на досегашните подготовки на кои досега работевме, до крајот на месецот ќе биде распишан конкурсот на кој општините ќе може да аплицираат за користење на овие средства. Општините се и претходно информирани, и голем дел се веќе подготвени со проекти, рече вицепремиерот Ставрески.

Според евроамбасадорот Орав, ЕУ доделува вкупно 20 милиони евра за двете спогодби за финансирање, за поддршка на претпристапните проекти за рурален развој. Првиот ќе биде спроведен со два партнера – СБ и Министерството за финансии, а од клучно значење е улогата на градоначалниците при изборот на проекти во консултација со граѓаните, заради нивно поефикасно искористување. Вториот Проект е наменет за наводнување, а ќе се спроведе од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на Проектот е утврдување и подготвување мали проекти за наводнување, кои се еколошки со ниски инвестициски трошоци, а за чија реализација ќе бидат доделени дополнителни европски ресурси.

– Со потпишување на овие спогодби, 23 милиони евра од ЕУ и национални средства ќе бидат директно наменети за руралните области и нивните граѓани. Верувам дека ова претставува одлична можност за реафирмација дека Европа се грижи за руралното население и земјоделството не само во ЕУ туку и во другите земји, рече амбасадорот Орав.
Вицепремиерот Бесими истакна дека овој денешен пакет составен од две спогодби за финансирање во рамките на ИПА, претставува дел од актуелната ИПА 2007-2013 и со ова се заокружува циклусот со кој 67 милиони евра беа предвидени за развој на земјоделството и руралниот развој.

– Со овие средства за руралната инфраструктура, Македонија оди во чекор со земјите на ЕУ во однос на климатските промени и управувањето со водите. Имено, 2 милиона евра ќе одат за идентификување и лоцирање на капацитетите на РМ за искористување и воведување системи за наводнување на најефикасен можен начин. Ова дополнително ќе помогне и за ИПА 2 каде се предвидени 106 милиони евра, исто така неповратни средства од ЕУ за 2014-2020 година, рече Бесими.

Претставникот на СБ, Имери, пак, истакна дека износот од 15,5 милиони евра за поддршка на руралниот развој ќе бидат искористени како дополнително финансирање на тековниот проект за подобрување на општинските услуги, и оти ова е првиот проект на СБ кој е финансиран заедно со ЕК.

На потпишувањето на договорите за грант од ЕК присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Тони Димовски, кои ќе го спроведат Проектот за наводнување.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window