Стапката на невработеност од 24,6% е крунски доказ дека економските политики што беа поставени пред 10 години ги даваат очекуваните резултати. Креирани се 150.000 нови работни места, односно невработеноста се намали за 11 процентни поени споредено со пред една деценија.

Намалувањето на невработеноста е најголем успех на економијата во последните десет години, изјави во интервјуто за Сител вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

„Добиени се многу битки во овие 10 години. Прво, во 2013 година беше пробиена психолошката бариера од 30%, сега се пробива и бариерата од 25%. Тоа се 150.000 нови работни места. Но, дали е добиена војната? Не, сè уште не е. Потребни се уште работни места“, рече Ставрески за Сител.

Според него, економските политики што ги води Владата даваат резултат. Подобрени се условите за водење бизнис, а според листата Дуинг бизнис на Светска банка Македонија е рангирана на шестото место во Европа за добра деловна клима. Тоа значи дека се создадени услови работни места да отвораат и новите инвеститори и домашните компании, кои користеле евтини кредити обезбедени од државата.

„На пример, преку проектот „Македонија вработува“ креирани се 14.600 работни места. Заедно со мерката за вработување млади, бројката достигнува до 22.000-23.000 вработени лица. Преку странските директни инвестиции создадени се 16.000 работни места, а со евтините кредити што ги обезбеди државата за домашните компании отворени се 7000 работни места“, вели Ставрески.

Тој најавува дека Владата ќе продолжи со политиките за привлекување странски директни инвестиции, затоа што тие даваат резултати.

„Тие создадоа 16.000 работни места. Тоа се 16.000 семејства, кои обезбедија егзистенција. Но, тие не овозможуваат само директни вработувања, туку и многу индиректни. На пример, тие купуваат храна од домашни фирми. Кога ќе им се расипе машина, бараат домашен сервисер. Кога им требаат интелектуални услуги, бараат правник или економист. Сето тоа овозможува домашните компании да отвораат работни места“, додаде Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window