„Македонската економија не е во рецесија“

Владата го усвои ребалансот на буџетот за околу месец дена за него ќе се расправа во Парламентот. 

Дали скусувањето на буџетските трошења за 173 милиони евра и пакетот мерки на владата се доволен да се спаси економијата од пропаст го прашуваме министерот за финансии Трајко Славески?

 

-Македонската економија за разлика од повеќето Европски економии, е далеку од тоа што го спомнавте, од пропаст, таа не влегува во рецесија, остварува се уште позитивни стапки на раст. Ова е придонес на Владата на Република Македонија, со мерките и со скусувањето на буџетот, кон одржлив економски раст, во година во којашто треба да обезбедиме барем минимален раст, да ги зачуваме работните места и стандардот на граѓаните.

 

Сметате ли дека и со вака проектираниот буџет стопанството ќе може без проблеми да ја полни државната каса бидејќи кризата се подлабоко навлегува речиси во сите сектори?

 

-Сите пресметки се направени такашто, дефицитот којшто останува 2,8 отсто, сега со намалени и приходи, и расходи, ќе овозможи нормално функционирање на буџетот, односно подмирување на сите издатоци коишто произлегуваат од законските обврски, и реализација на проектите коишто ги има зацртано Владата на Република Македонија. Ние само делумно одложуваме некои од проектите, за втората половина од годината, или за почетокот на наредната година. Остануваме со најважните проекти и понатаму, што секако е придонес и кон стопанството на Република Македонија.

 

Може ли да ни кажете конкретно од кои капитални расходи се откажува владата и за колкава сума станува збор?

 

-Значи капиталните проекти, или капиталните расходи ќе се намалат за околу 5,5 милијарди. Некаде околу половина или помалку од половина од вкупните кратења кои се предвидени со овој ребаланс на буџетот. Едно е сигурно, не се откажуваме од оние проекти, од оние капитални расходи, коишто значат директен придонес за Македонската економија. Инвестициите во патна инфраструктура, енергетика, понатаму сето она што значи ангажирање на нашите производствени капацитети, ангажирање на градежништвото и другите пропратни дејности, со цел да се одржи растот на Македонската економија. Проектите на пример, северната и западната трибина на градскиот стадион, она што може да се одложи, и други капитални проекти, филхармонијата и слично, се намалуваат средствата што ќе се реализираат во текот на оваа година, но значи ние остануваме посветени на тие проекти, затоашто се од значење за Република Македонија.

 

За ребалансот допрва ќе се гласа во Собранието, очекувате ли нови поместувања во текот на годината на буџетските проекции?

 

-Без разлика каква е состојбата во економијата, во изминатите неколку години ние имавме обичај два пати во текот на годината да вршиме приспособување на буџетот. Доколку се укаже потреба, претпоставувам дека ќе има потреба од извесни поместувања во одредени буџетски ставки, приходи расходи, во втората половина од годината, некаде септември – октомври, Владата на Р.М ќе предложи нов ребаланс. Најверојатно тогаш ќе ја оцениме потребата од нови мерки за поддршка на Македонската економија, секако во рамките на расположливите средства тоа ќе го обезбедиме, како што сега обезбедуваме над 70 мерки коишто ќе значат на Македонската економија.

Comments are closed.

Close Search Window