Надлежните институции почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку интернет-платформи во хартии од вредност на странски пазари, што е забрането согласно Закoнот за девизно работење

Скопје, 16 август 2014 (МИА) – Надлежните институции почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку интернет-платформи во хартии од вредност на странски пазари, што е забрането согласно Закoнот за девизно работење, соопшти денес Министерството за финансии, НБРМ и Комисијата за хартии од вредност.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека во Република Македонија согласно со Законот за девизно работење, физичките лица – резиденти на Република Македонија, не смеат да вложуваат во хартии од вредност во странство. Според тоа, тргувањето, односно вложувањето во акции, обврзници, инструменти на пазарот на пари, деривативни финансиски инструменти и во други финансиски инструменти на странските финансиски пазари преку интернет-платформите е забрането, се вели во денешното соопштение од овие институции.

Во него се додава дека во последно време се забележува наплив на понуди за заработка со тргување преку интернет-платформите, кои ветуваат остварување големи приноси и дополнителни парични средства за вложување, со цел полесно привлекување на потенцијалните инвеститори.

– Тргувањето преку интернет-платформите со себе носи голем број ризици и може да доведе до високи загуби за вложувачите. За да се спречи ваквото тргување, надлежните органи почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку овие интернет-платформи, се посочува во соопштението.

Надлежните институции потсетуваат дека казните за физичките лица коишто вложуваат во странски хартии од вредност на овој начин се во висина од 1.500 до 3.000 евра.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window