Скопје, 28 мај 2014 (МИА) – Резултатите на Македонија во областа на економските слободи се над просекот и во регионот и во светски рамки. Во последното рангирање на фондацијата Херитиџ, Македонија е на 43. место од вкупно 180 земји.

Од почетокот на рангирањето во 2002 година има остварено одлични резултати, а реформите што се преземаат во периодот што ќе го опфати следното рангирање се очекува да доведат до напредок во повеќе области и подобро рангирање.

Ова го истакнаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претставникот на фондацијата Херитиџ Лук Кофи кои денес остварија средба во Министерството за финансии.

– Македонија оствари одлични резултати откако почна рангирањето во 2002 година. Оствари подобрувања во однос на флексибилноста на пазарот на трудот, како и во делот на привлекување странски директни инвестиции. Така што треба да се гордеете со она што го оствари Македонија во толку краток период, изјави по средбата Кофи.

Тој посочи примери дека Македонија во светски рамки е на 43. место, а Грција е на 119, како и тоа дека Албанија според резултатот е блиску до Македонија, но оти тие се 11 места зад Македонија.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека постои задоволство што Македонија е лидер во ЈИЕ по индексот на економски слободи. Според него, рангирањето е уште една потврда за квалитетот на економските политики и за високиот степен на економска слобода што постои во земјава.

Истакна дека е направен значаен напредок и оти од 2009 година кога сме биле рангирани на 78 место, при последното рангирање објавено оваа година има напредок од 35 места. Верува дека во наредното рангирање ќе има уште подобри резултати.

– Бидејќи индексот за 2015 година ќе го опфати периодот од јули 2013 година до јули 2014 година, верувам дека со реформите и мерките во овој период ќе успееме да оствариме напредок во повеќе области и следната година ќе бидеме рангирани уште подобро иако и сегашното рангирање е исклучително задоволително и високо, рече вицепремиерот. Фондацијата Херитиџ секоја година објавува рангирање со економски слободи во изминатите 20 години. Ја мери економската слобода преку четири области кои опфаќаат слобода за почнување бизнис, финансирање бизнис, заштита на сопственички права, фискална, даночна, монетарна слобода, слобода за тргување и слично.

Според претставникот на фондацијата Херитиџ мерењето е многу важно бидејќи придонесува кон поголема стабилност, сигурност и демократија.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window