Владата направи нова измена во станбени субвенциите со која парите во моделот за половина учество станаа неповратни, открива за Економски.мк вицепремиерот Зоран Ставрески. Измената ќе важи и за новите и за веќе земените кредити.

 

Со тоа граѓаните сега можат на самиот старт од проектот да добијат неповратни 50% од учествто или до 6.250 евра за стан во случај кога кредитот е 50.000 евра. За купување на куќа, каде што државата покрива 75% од учеството, за кредит од 50.000 евра се доделуваат 9.375 евра. Оние корисници кои веќе аплицирале за учество и го добиле заемот, немаат обврска да го враќаат. Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески верува дека оваа нова погодност значително ќе го зголеми интересот за купување на стан или куќа со финансиска помош од државата.

 

– Ова е животна шанса за оние кои имаат некакви, но недоволни средства, да добијат значителна сума и да се стекнат со сопствен дом, изјави Ставрески за Економски. Бенефицијата важи доколку корисниците се придржуваат на веќе востановеното правило исплатата на кредитот да ја вршат подолго од десет години.

 

Наместо кирија, 82 евра месечна рата за сопствен дом

 

Како што вели вицепремиерот, и моделот “Половина рата”, каде средствата се исто така неповратни, е атрактивен ако се има предвид дека во тој случај корисникот на кредитот ќе плаќа поевтина рата за свој дом отколку месечна кирија.

 

– Во “Половина рата” за 50.000 евра кредит ратата изнесува 330 евра од кои корисникот плаќа само 82 евра, а државата 250 евра во првите пет години. Сите тие што плаќаат кирија од 100 евра месечно, можат наместо тоа да плаќаат 82 евра месечна рата и да изградат куќа или да си купат стан, изјави Ставрески. Во овој модел, вкупната субвенција за рата достига до 10.000 евра за стан и до 15.000 евра за куќа.

Comments are closed.

Close Search Window