Белград, 17 декември 2014 (МИА) – Македонија, Србија, Унгарија и НР Кина потпишаа договор за заемна царинска соработка. Договорот го потпишаа денес во рамки на Третиот состанок на шефовите на влади на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа.

 

Договорот предвидува царините на сите четири земји да соработуваат во делот на размена на информации и документи, да се признава царинењето и постапката од другите царини како и да ја продлабочи соработката.

 

Целта на документот е да се поддржи регионалната и меѓународната трговија и да се создаде позитивна клима за стопанствата и граѓаните за да можат полесно да патуваат и да пренесуваат стоки, а на тој начин да се намалат трошоците.

                                                 

Беше презентирана и идејата и проектот за изградба на брза пруга која би одела од Грција преку Македонија до Србија и Унгарија.

 

– Се работи за еден значаен и крупен проект што може да има позитивно влијание врз економскиот развој на Република Македонија и од тој аспект го побуди нашиот интерес. Со оглед на тоа што недостасуваат информации за моделот и начинот на финансирање, финансиската конструкција и какво ќе биде учеството на кинеската страна и на земјите што учествуваат, останува да ги добиеме тие информации, а потоа ќе направиме анализи и соодветно ќе ја искажеме нашата позиција, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорот во рамките на средбата три плус еден меѓу премиерите на НР Кина, Македонија, Србија и Унгарија, во рамките на Самитот меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа што вчера и денес се одржува во Белград, Србија.

 

Ставрески оцени дека станува збор за крупен и значаен проект за регионот, кој има добар потенцијал да го помогне економскиот развој на Македонија и на сите земји во регионот.

Comments are closed.

Close Search Window