Скопје, 5 ноември 2014 (МИА) – Над 3.500 компании од Илиноис, меѓу кои познати брендови и корпорации, имаат можност да дознаат за условите за инвестирање во Македонија од владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски на форум во Чикаго. Дел од нив ги најавуваат и плановите за инвестирање, а меѓу нив е и  инженерската компанија „Гленмон Глобал Солушн“, која ќе се занимава со инженерство и проектирање и ќе ангажира висококвалификувана работна сила.

Чикаго е трет најголем град во САД со трет најголем бруто регионален производ и е оценет како град со најизбалансирана економија, со што претставува еден од главните финансиски центри и место каде се развива високата технологија.

Премиерот Груевски пред присутните инвеститори на форумот посочи дека Владата е силно фокусирана кон подобрување на економијата. Тој истакна дека економскиот раст оваа година, во првите 6 месеци изнесува 4,1 отсто што е најголем раст во Европа.
– Минатата година ја завршивме со трет најголем раст во Европа, а вчера Европската Комисија објави извештај со кој известува дека според нивните анализи оваа година Македонија ќе ја заврши со втор најголем раст во Европа, што е добар индикатор.

Генерално, Македонија води здрава и стабилна макроекономска политика. А во однос на бизнис климата би рекол дека Владата е целосно посветена кон креирање добра бизнис клима и тоа е всушност нашата главна преокупација, изјави премиерот Груевски.
Тој додаде дека во таа насока се спроведоа многу реформи и мерки меѓу кои и проектот Регулаторна гилотина каде илјадници бирократски процедури станаа пократки и поевтини или комбинација од ова, процес кој е спроведен со стопанските комори и во соработка со околу 300 компании од различни сектори.

Премиерот Груевски истакна дека е инвестирано во успешен и квалитетен електронски катастар, воведено е електронско плаќање даноци, едношалтерски систем за царината и многу други работи кои креираат добри услови за водење бизнис во Македонија.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека Чикаго и околината на американската држава Илиноис се средини каде има најголема концентрација на најголемите компании во светот, рангирани според Форчн Глобал 500, и она што е важно, според него, што на овој форум дојдоа претставници од овој вид фирми, кои се интересираа на кој начин да го подобрат и прошират својот бизнис во Европа, но истовремено да имаат поконкретна дестинација за своите производи.

– Освен она што ние го кажавме, многу е важно и на кој начин реагираа присутните на форумот на коментарите на веќе постоечките компании кои веќе инвестираа во Македонија и го пренесоа своето искуство. Пред сè тука сакам да го истакнам „Кемет Електроникс“, односно нивното кажување за искуството од отпочнување бизнис во Македонија и колку брзо успеале тоа да го направат, дури и над своите очекувања. Оттука, очекувам форумот во Чикаго да придонесе за скорешна посета на компании, кои конкретно ќе се интересираат за можностите за инвестирање и начините за проширување на својот бизнис, рече Мизо.

Извршниот директор на Стопанската комора на државата Илиноис во кој спаѓа и градот Чикаго, Лаура Ортега се осврна на можностите за соработка и искористување на потенцијалите во насока на развивање на економските односи.

– Стопанската комора на државата Илиноис опфаќа 3.500 фирми членови, вклучувајќи и брендови и големи корпорации како „Катерпилар“, „Џон Деар“, „Боинг“, но и средни и мали компании. Во основа, во нашата Комора има најголема концентрација на фирми кои спаѓаат во групата на 500 најголеми фирми во светот според Форчн и кои имаат свои претставништва овде во Илиноис. Ги информирам членовите на Комората за многу работи, а она што можам да го кажам за вечерашниот форум е дека сум апсолутно импресионирана за Македонија и можностите кои ги нуди и бизнис околината за која зборуваа многу компании. Импресионирана сум и со задоволство ќе ги пренесам тие информации до компаниите од Стопанската комора на Илиноис за, доколку е можно,  да се овозможи конкретна соработка, изјави извршниот директор Лаура Ортега.

Сопственикот на инженерската компанија „Гленмон Глобал Солушн“ Дејвид Јанќосек ги искажа своите размислувања за отворање компанија во Македонија, наведувајќи дека тоа се првични планови кои подетално ќе ги разработи откако ќе ја посети земјата.  

– Задоволен сум што имам прилика да слушнaм непосредно од премиерот Груевски како Македонија реинвестира и гради за доброто на Македонија, за обезбедување нула проценти данок за реинвестирана добивка, како и за можноста за давање под закуп земјиште, по поволни услови за период до 99 години. Многу сум задоволен од можностите за отпочнување бизнис во Македонија и затоа го користиме овој форум за соработка и контакти за да инвестираме во Македонија, во инженерството кое ни е неопходно во САД. Наместо да носиме инженери тука, ние сакаме да вработиме инженери и веројатно да отвориме бизнис во Македонија, изјави Дејвид Јанќосек.

Владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, можностите за инвестирање ги претстави и во Њујорк. Во состав на делегацијата се вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите без ресор задолжени за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Џери Наумоф и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window