13 ноември 2018, Скопје – Најмногу средства досега за активни мерки за вработување во Предлог-буџетот за 2019 година. Издвоени се 1,1 милијарда денари, што е за 10% повеќе во однос на годинава. Доколку, пак, се направи споредба со 2016 година, оваа сума e двапати, или речиси трипати повисока во споредба со 2014 година.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на вчерашната јавна презентација на Предлог-буџетот, спроведувањето  на овие мерки создава услови за подобро функционирање на пазарот на трудот како и нови работни места. Согласно проекциите за идната година, се очекува намалување на невработеноста на околу 20%, како и покачување на номиналната нето-плата за 4,5%.

Исто така, како што посочи министерот, зголемувањето на конкурентноста на приватниот сектор останува приоритет на Владата. Затоа во Буџетот за 2019 година предвидени се повеќе средства за поддршка на стопанството. Станува збор за речиси 3 милијарди денари, или 40% повеќе средства во однос на годинава.  Со овие средства ќе се поддржат нови инвестиции, извоз и освојување нови пазари, нови вработувања, поддршка на мали и средни претпријатија, иновативност, технолошки развој и странски инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони.

Повратот на ДДВ кон фирмите ќе се одвива навремено и неселективно, како и досега, рече министерот за финансии.

Во Буџетот за 2019 се предвидува и силна поддршка на земјоделството. Приоритетни мерки во рамки на Програмата за земјоделството за 2019 година ќе бидат насочени кон поддршка на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација или зелена нафта. Ваква мерка за првпат се воведува во Република Македонија, со што се намалуваат трошоците за земјоделците.

Износот на субвенции планиран за 2019 година изнесува вкупно 8,5 милијарди денари, и е за 60 милиони денари повисок од буџетираниот во 2018 година, но дури за 820 милиони денари или 11% повисок од остварениот во 2017 година.

 

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window