07 Септември 2018, Скопје – Министерот за финансии, Драган Тевдовски, се сретна со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски. На средбата беа дискутирани можностите за финансирање на општински проекти преку Европските фондови и Проектот за подобрување на општинските услуги.

„Особено ми е драго што сум во Штип. Според мене градоначалникот Бочварски е еден од највредните и најдобрите  градоначалници. За мене најважно е што има сериозна активност која ќе донесе бенефит за граѓаните и економијата. Улиците кои се градат, ќе придонесат за развој на локалната економија. Со доближувањето до Европската Унија, ќе им се даде ветер во грб на општините. Вкупната годишна EУ помош за Македонија изнесува 90 милиони евра односно 260.000 евра дневно. Со почнување на претпристапните договори овие средства само ќе растат. За македонските компании влезот во ЕУ, значи влез на пазар од 500 милиони потрошувачи. За граѓаните тоа се нови работни места, подобрен стандард, посигурна иднина“, изјави МФ Тевдовски.

Тој истакна дека речиси секоја недела учествува на настани за изградба на патишта, пречистителни станици, детски градинки, училиште, гранични премини финансирани од Европски фондови.

Градоначалникот вели дека Штип се развива преку инфраструктурните проекти. 
„Сите пари од граѓаните ги инвестираме во нашата економија. Покрај трите улици во кои се инвестирани 4.900.000 денари, во овој дел ќе биде изградена и детска градинка“, вели Бочварски.

Тој најави проекти кои се веќе подготвени и со кои општината ќе аплицира за европски фондови. На овој начин граѓаните на Штип ќе добијат почиста животна средина, подобра инфраструктура и поквалитетен живот. Растот на економијата за вториот квартал е 3.1%. Невработеноста сериозно се намали. Ова се последните податоци објавени од ДЗС. Економијата се движи, а влезот во НАТО и ЕУ ќе дадат сериозен поттик за зголемена инвестициска активност. Стабилноста од Нато е најважна за инвеститорите. Кога Алијансата ја гарантира безбедноста, се охрабруваат инвестиции. Во Албанија, странските директни инвестиции се дуплираат по влезот во НАТО. Во Македонија поради најавите за напредок на земјата кон НАТО, инвестициите се на историски највисоко ниво, истакнува МФ Тевдовски.

Comments are closed.

Close Search Window