22 јануари 2019 година, Скопје – Нема веќе долги чекања во УЈП и УИПР, граѓаните со само еден клик од својот дом ќе можат да ги следат нивните предмети во управите. Министерството за финансии минатата година заедно со Управата за јавни приходи и со Управата за имотно правни работи работеше на дигитализација на процесите сѐ со цел подобрување на услугите за граѓаните.

Граѓаните електронски ќе ја добиваат годишната даночна пријава која, од оваа година,  во нивно име ја пополнува УЈП. Воедно, од годинава граѓаните ќе можат електронски да го следат и предметот кој им го води Управата за имотно правни работи за откуп на дворно место.  

„Минатата година Министерството за финансии заедно со Управата за јавни приходи започна со спроведување на реформата за Електронски персонален данок на доход (Е-ПДД). Целта е поедноставување на постапките за пресметување и плаќање персонален данок преку Е-ПДД системот. Со оваа реформа, граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање пред шалтерите. Сите пресметки се автоматизирани и се поднесуваат електронски“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Преку овој систем, УЈП ќе ја подготвува и доставува на увид на граѓаните Годишната даночна пријава, а тие пак ќе можат навремено да ја потврдат или да ја коригираат со краен рок до 31 мај 2019 година.

Паралелно, Министерството за финансии заедно со Управата за имотно правни работи во текот на минатата година работеше и на дигитализација на процесот на следење на предметите за откуп на дворното место.

Управата за имотно правни работи во 2018 година активно работеше на Менаџмент информациониот систем со кој се зголемува ефикасноста на услугите што ги нуди Управата. Беа набавени и скенери со повисоки перформанси, а сѐ со цел полесно и поедноставно внесување на предметите во Системот.  

“До крајот на март планирано е сите предмети за приватизација на градежно земјиште да бидат внесени во Системот по што ќе биде развиена дополнителна можност самите поднeсители на барања да пристапат во Системот, и со тоа во секој момент ќе имаат увид во статусот на нивното барање. Ова ќе им овозможи на граѓаните да си го следат својот предмет за откуп на дворното место од дома“, објаснува министерот.
Во текот на 2018 година, Министерството за финансии спроведе десет клучни реформи со што значително се подобрија услугите за граѓаните.

 

Comments are closed.

Close Search Window