Прилеп, 2 декември 2015 (МИА) – Нови 2.000 директни вработувања, како и голем број индиректни вработувања преку можноста за соработка на локални компании ќе овозможи отворањето на фабриката на Гентерм во Прилеп, американска инвестиција од 20 милиони евра. Ова го истакна Премиерот Никола Груевски по денешната обиколка на објектот на фабриката на Гентерм – светски гигант од автомобилската индустрија во ТИРЗ Прилеп, чија изградба е во завршна фаза.

– Точно пред три години истиот овој месец 2012 година бевме тука и го означивме почетокот на изградба на ТИРЗ Прилеп. Уште тогаш најавив дека по својот опфат и карактер оваа зона е предвидено да прими инвеститори од поголем калибар кои ќе отворат и поголем број работни места. Уште тогаш ветив дека Прилеп, Битола, Ресен и околните населени места тука ќе добијат простор кој ќе привлече голем број заинтересирани инвеститори, а ние како Влада напорно ќе работиме во таа насока. Како што ветив така работевме и она што го ветив пред три години денес се остварува во пракса, нагласи Премиерот Груевски.

Тој потсети дека процесот на преговори со компанијата започна во 2014 година, како и дека Македонија беше само една од земјите кои инвеститорот ги разгледувал како можна дестинација за инвестирање.

– Најважната причина да се решат за Македонија биле инвестициските можности кои им ги понуди Владата, како и достапноста до добро образована работна сила. Тоа е уште еден доказ дека инвестициските можности на државата се одлични и дека оваа Влада прави сè што може да ги привлече инвеститорите да дојдат во Македонија, а резултатот е пред нас, изјави Премиерот Груевски.

Посочи дека првите 350 луѓе се веќе вработени и се на обука во фабриката на Гентерм во Украина.

Производите ќе бидат наменети за европскиот пазар, а пред сè за големите автомобилски гиганти како „Ферари“, „Порше“, „Бентли“, „Рено“, „БМВ“ и други со што, рече, Македонија уште повеќе ќе го зголеми својот извоз, како и асортиманот на производи со ознака „Made in Macedonia“.

– Верувам дека и други инвеститори ќе го следат примерот на Гентерм и секогаш кога ќе бараат пристап до европскиот пазар, добра инфраструктура, добри бизнис услови, квалитетни човечки ресурси и партнерски расположена влада, изборот ќе паѓа на Македонија, истакна Премиерот Груевски.

Свое влијание во отворањето  нови работни места, Премиерот истакна дека имаат и новите инвестиции во индустриската зона Прилеп 1 каде веќе се продадени парцели и во моментот се градат нови објекти на повеќе компании, а во тек е постапка за продажба на парцели и во индустриската зона Прилеп 2 што, нагласи, укажува на интересот за инвестирање во Прилеп.

Потпретседателот на Гентерм, Јорк Еверст истакна дека при изборот на нови локации за ширење на својот бизнис разгледувале можности во Романија, Бугарија, Србија, Мароко и Унгарија, а причина за одлуката да инвестираат во Македонија биле квалификациите на луѓето што ги интервјуирале и професионалниот однос на претставниците на Владата на Македонија.

– Наша цел е да донесеме врвна технологија за производство на делови за регулирање на температурата во автомобилите. Веќе имаме цел раководен тим и освен управителот на фабриката, тој целосно се состои од Македонци. Тоа што нашата работна сила, што се состои од Македонци, минува интензивна обука во Украина е гаранција за нашиот иден успех, рече Еверст.

Пред присутните се обрати и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој истакна дека се очекува овој, инаку прв инвеститор во ТИРЗ Прилеп, да почне со работа во март, а ќе произведува најсовремени компоненти за потребите на глобалните компании од автомобилската индустрија.

Тој изрази задоволство што сè повеќе компании покажуваат интерес за инвестирање не само во Скопје туку и во внатрешноста од земјата, што е од особено значење за рамномерен развој на државата.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо истакна дека паралелно со изградбата на фабриката на Гентерм се привршува со изградба на ТИРЗ Прилеп. Во зоната, во првата фаза на изградбата се инвестирани околу два милиона евра, а во наредната фаза за изградба на сообраќајно поврзување, водоснабдување и на останатата инфраструктура ќе се инвестираат околу четири милиони евра. Зоната е со површина од околу 68 хектари и ја сочинуваат 23 градежни парцели организирани во 13 блока каде ќе се сместат производствени погони на светски глобални компании кои, освен креирање работни места, ќе овозможат развој и примена на нови технологии, ќе придонесат кон зголемување на конкурентноста, на локалната економија, подобрување на трговската размена и забрзување на развојот на економијата во државата воопшто.

Гентерм е глобална компанија за производство на делови за автомобилската индустрија и е присутна на три континенти со осум фабрики.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window