Скопје, 18 ноември 2015 (МИА) – Штип и Радовиш ќе се поврзат со експресен пат, чија изградба ќе почне на почетокот на следната година. Финансиските средства во износ од 64 милиони евра се обезбедени од Европска банка за обнова и развој. Договорот за обезбедените финансиски средства денес го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот за транспорт на ЕБОР Сју Барет, директорот за Западен Балкан во ЕБОР Холгер Муент и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов.

– Изградбата на патот ќе претставува модернизација на патната инфраструктура во источниот дел на Македонија и југоисточниот дел кој се надоврзува на автопатот од Скопје до Штип, како и изградбата на уште неколку патни правци кои се или започнати или се планира да се започнат. Меѓу другите, во првиот квартал од 2016 година ќе започне изградбата на патот од Штип до Кочани и од Кочани до Делчево. Околу Нова Година очекуваме да почне и изградбата на патниот правец до Прилеп, делницата од Раец до Дреново. Се работи за значаен инвестициски циклус во патната инфраструктура кој во 2016 година ќе изнесува над 200 милиони евра, рече Ставрески по потпишувањето и додаде дека подобрувањето на инфраструктурата е предуслов за економски развој и за подобрување на конкурентноста на економијата.

Истакна дека заемот е одобрен под поволни услови, со рок на отплата од 15 години, 4 години грејс период и каматна стапка која во моментов изнесува 0,99 отсто.

Директорката за транспорт при ЕБОР, Барет, рече дека ова е 14. проект во транспортниот сектор во Македонија кој добива поддршка од оваа институција. Вкупно во транспортната инфраструктура имаме инвестирано 660 милиони евра, бројка, која, како што нагласи, ја покажува одличната соработка со Владата.

Според Барет, надградбата на оваа патна делница е значајна во контекст на регионална интеграција, бидејќи таа претставува важна врска кон Бугарија, а воедно се поврзува со новиот пат северно од Штип кон Пан-европските коридори 8 и 10. Ова, додаде, има значајни придобивки во смисла на мобилноста на граѓаните во Македонија, како и движењето на стоките и економскиот раст.

Директорот за Западен Балкан во ЕБОР посочи дека модернизацијата на патната инфраструктура ќе овозможи Македонија да стане попривлечна за странските инвеститори и ќе овозможи подобри извозни можности.

Муент посочи дека годинава поддршката од ЕБОР ќе достигне 140 милиони евра, и тоа не само во транспортот, туку и во приватниот сектор, енергетиката и слично.

Директорот Стојанов истакна дека добрите патишта генерираат зголемен сообраќај, овозможуваат брз и економичен транспорт и пред сè придонесуваат за поголема безбедност во сообраќајот. Нашата интензивна соработка со ЕБОР е показател на нашата посветеност за развој на инфраструктурата на националните патишта, рече Стојанов.

Експресниот пат ќе биде во должина од 39 километри, со по една лента во двете насоки и со две ленти од двете страни за застанување. Ширината на коловозот ќе биде 11,4 метри. На патот ќе има 10 мостови и вијадукти, три натпатници, 34 пропусти и четири клучки.

Покрај овие 64 милиони евра, ЈП за државни патишта доби и грант од 625.000 евра за реализација на проектот.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window