Скопје, 5 декември 2014 (МИА) – За осум до девет месеци треба да почне изградбата на Бељаковце – Крива Паланка, втората делница за железничкото поврзување на Македонија со Бугарија на Коридорот 8. На делницата, во должина од 34 километри, ќе бидат изградени пруга, две железнички станици во Кратово и во Гиновци, три стојалишта, 14 тунели, 11 нови мостови, ќе бидат обновени постојните 33 моста…

За потребните финансии за изградбата, во износ од 145 милиони евра, обезбедени со кредит од Европска банка за обнова и развој, денес е потпишан Договор помеѓу македонските институции и ЕБОР. Потпишан е и Договорот за заемот од ЕБОР од 160 милиони евра со кои ќе се овозможи изградба на три експресни патишта и еден автопат.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со обезбедените 305 милиони евра од ЕБОР се реализираат стратешки и крупни инфраструктурни проекти.

– Очекуваме, врз основа на потпишувањето на Договорот и направените подготвителни работи, некаде после летото 2015 година, значи за осум до девет месеци, да почне изградбата на втората фаза. Првата фаза е во тек и треба да заврши до септември 2016 година, што значи дека во еден дел паралелно ќе се градат првата и втората фаза. Значајно е дека се обезбедени средства, имаме добар партнер – ЕБОР, како гаранција за квалитетот на реализацијата на Проектот, и дека за третата фаза имаме извесност за обезбедување средства, што значи дека пругата кон Бугарија станува реалност. 20 до 30 години се зборуваше за тој проект, но еве дојде време целосно да се обезбеди финансиската конструкција, рече Ставрески по потпишувањето на Договорот.

Тој истакна дека станува збор за една од најзначајните артерии и стратешки коридори за Република Македонија, што ќе овозможи дополнителен проток на стока и патници во зоната исток – запад, од Италија преку Албанија и преку Република Македонија кон Бугарија. Со тоа, нагласи, вкупното патување во тој правец ќе биде пократко и поекономично.

Договорот со ЕБОР за реализација на Програмата за национални патишта ќе овозможи изградба на автопатот Струга – Требеништа, на експресните патишта Раец – Дреново како дел од патот од Градско до Прилеп, Охрид – Пештани и изградба на патот Штип – Кочани на ниво на експресен пат.

– Се работи за крупни инфраструктурни проекти, за најдобро вложени средства во изградба на коридорите во Македонија, и железнички и патен, и на тој начин придонесуваме директно за развој на земјата  и во однос на периодот во кој ќе се градат, бидејќи тоа ќе значи ангажман на домашни фирми заедно со странски, подигнување на БДП, а долгорочно по нивното завршување ќе имаме многу подобра конкурентност на македонската економија бидејќи ќе се отворат нови патни правци и ќе се овозможи Македонија да има подобра сообраќајна инфраструктура.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, ќе се градат и обновуваат исклучително значајни патни правци кои ќе го помогнат развојот на регионите, протокот на патници и стоки и безбедноста на патиштата.

– Со изградбата на овие патишта ќе се подобри безбедноста и условите за патување и транспорт, дополнително ќе се придонесе за економски развој во овие региони, како и нови вработувања, рече Јанакиески.

Тој информира дека патот од Раец до клучката Дреново во должина од 10 километри како дел од експресниот пат Градско – Прилеп ќе се проширува со четири ленти. Патот Штип – Кочани, пак, со должина од 26 километри од постојните 6,5 ќе се прошири на 12 метри, а градбата ќе почне следната година.

– Новиот експресен пат Охрид – Пештани ќе биде долг 14,5 километри. Изградбата почнува следната година, а овој патен правец се планира да се гради паралелно на стариот пат. Како дел од овој финансиски пакет е изградбата на новиот автопат од Струга до Требениште во должина од 8,5 километри, чија градба се планира за 2016 година, рече Јанакиески.

Сју Барет, директор за транспорт во ЕБОР, оцени дека заемите ќе овозможат модернизација и изградба на инфраструктурата во Македонија. Со завршување на пругата кон Бугарија, нагласи, ќе се обезбеди пристап до пристаништата на Црно Море во Бугарија, со што ќе се обезбеди дополнителна рута за Македонија што пак ќе допринесе за подобрување на трговската размена помеѓу Грција, Македонија и Косово. Исто така, новото железничко поврзување ќе понуди многу подобри патни услуги во Македонија и подалеку, и ќе има големо позитивно влијание врз економијата.

Според Барет, изградбата и обновата на патиштата предвидени со заемот од 160 милиони евра исто така ќе ја зголеми економската соработка на регионот преку поврзување на патната мрежа и на клучните индустриски области.

Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани нагласи дека изградбата и модернизирањето на железничката инфраструктура ќе овозможи конкурентност на железницата на транспортниот пазар. Само така може да се понудат подобри услови во смисла на поголема брзина, комфор, достапност и сигурност во железничкиот сообраќај, со што ќе се привлечат поголем број патници и ќе има поголем обем на транспорт на стока преку железницата.

Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта, истакна дека економски приоритет е сите региони во државата да се поврзат преку магистралните патишта со меѓународните транспортни врски.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window