Скопје, 25 јуни 2014 (МИА) – Основното училиште „Живко Брајковски“ во општина Бутел со средства од Владата обезбедени преку проект од Светска банка ќе добие нов , современ лик. Договорот за финансирање на втората фаза во износ од 73 милиони денари денес го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски.

– Инвестициите во образованието се најдобри и најсигурни инвестиции во иднината на младите луѓе и со потпишувањето на овој Договор ќе овозможиме општина Бутел да добие едно ново, модерно, ефикасно училиште во кое ќе се создадат услови децата да учат во една смена и ќе се подобрат условите и за учениците и за просветните работници, изјави вицепремиерот Ставрески.

Потенцирајќи дека сите подготвителни активности се извршени професионално и ефикасно во што општината вложи 40 милиони денари, Ставрески рече дека со обезбедените 73 милиони денари од Владата со заеднички сили ќе се добие едно ново училиште кое ќе биде гордост на жителите на општина Бутел и учениците кои ќе учат во него .

Според градоначалникот на општината, по 50 години навистина е задоволство да се гради објект којшто ќе го користат идните генерации. – Педесет години не е инвестирано, не е направено ново училиште во општината Бутел. Училиштето се гради на 5 илјади метри квадратни површина. Со својата внатрешна структура ќе овозможи учениците да учат во една смена, рече Латиновски и додаде дека во училиштето ќе бидат запазени сите стандарди, ќе се воведе енергетска ефикасност.

Потенцира дека со рационално, домаќинско работење проектот ќе се реализира во предвидениот рок.

Се очекува училиштето да биде пуштено во употреба до средината на следната година .

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window