Пробиштип, 28 август 2013 (МИА) – Во Пробиштип денеска е отворен новиот градски пазар вреден околу 70 милиони денари. На отворањето присуствуваа претседателот Ѓорѓе Иванов, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, државниот секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепитокова и градоначалникот на Општината Тони Тоневски.

 

Вицепремиерот Ставрески истакна дека е задоволство што токму на Денот на рударите се отвора голема и капитална инвестиција за рударскиот град Пробиштип, а водено на македонските рудари им го честиташе празникот 28 Август – Пресвета Богородица, заштитничка на рударите. Тој им оддаде признание и на градските власти, особено на градоначаликот, за неговата, како што рече, желба и заложба за унапредување на животот во општината.

 

– Само со континуирана работа и заеднички сили можеме да создадеме подобра иднина за нашите граѓани. Нашата цел е сите да ги добијат најдобрите можни услови и да се задоволат најголем број од потребите. Затоа, Владата ќе продолжи со поддршка на локалните власти за нашите граѓани во кој било предел во Македонија да добијат подеднакво добар третман и услови, рече Ставрески. Владата, посочи, во таа насока реализира повеќе проекти.

 

– Еден од најзначајните проекти кои во моментот се реализираат и кој набрзо ќе биде готов е патниот правец Пробиштип – Свети Николе. Остануват да се завршат уште 300 метри. Се довршува и патниот правец Пробиштип – Злетово, од кој треба да се довршат уште 800 метри па да се пушти во употреба. Со заем од Светска банка ќе се реконструира и улицата „Јоаким Стојковски“. Вредноста на овој проект е 30 милиони денари, а со овие средства оваа улица од 1,2 километри ќе добие нов лик. Преку владините проекти преку Агенцијата за спорт и млади се гради едно повеќенаменско игралиште и едно двојно тениско игралиште, рече Ставрески.

 

Наскоро се очекува и почетокот на втората и третата фаза од најголемата инвестиција во источна Македонија, хидросистемот „Злетовица“. Овој проект, според вицепремиерот, е од големо значење за економијата на општина Пробиштип бидејќи ќе значи нови вработувања, но и поддршка во земјоделството и обезбедување со енергија.

 

– Со првата фаза се обезбеди вода за пиење на 200.000 жители, додека со втората и третата фаза ќе се обезбеди вода за наводнување на земјоделските површини, но предвидена е и изградба на хидроцентрали. Задоволен сум што кај општина Пробиштип последниве неколку години се забележува значителен напредок. Лично се заложив за реализација на проектот за изградба на филтер-станицата во Пробиштип и можам да им ветам денеска на граѓаните дека и натаму ќе има моја лична заложба за реализација на овие проекти, рече Ставрески.

 

Градоначалникот Тоневски истакна дека по повеќе од 25 години Пробиштип добива модерен и затворен градски пазар.

 

– Пазарот се наоѓа на површина од околу 8.000 метри квадратни со затворен дел кој се простира на површина од 543 метри квадратни кој ќе се користи за продавање на продукти по ХАСАП-стандарди во едниот дел, додека предвидено е отворање на маркет во вториот затворен дел. Предвидовме вкупно 200 тезги кои ќе ги задоволат потребите на купувачите. Самите производи ќе бидат поделени по сектори, така да на едно место ќе се нудат производи од ист вид.

 

Отворениот дел на пазарот се простира на 1.600 метри квадратни, околу 4.000 метри се поплочени и 3.623 метри се предвидени за паркинг-простор и сервисни улици. Сите средства се обезбедени од буџетот на општината за што сакам да упатам благодарност до Советот на Општина Пробиштип за поддршката при донесувањето на значајните одлуки поврзани со изградбата на пазарот, рече Тоневски.

 

По отворањето на градскиот пазар во Пробиштип, вицепремиерот Зоран Ставрески во рударскиот град Македонска Каменица ќе присуствува на отворње на ново мултифункционално спортско игралиште.

Comments are closed.

Close Search Window