Пробиштип, 7 февруари 2014 (МИА) – Во Фабриката за акумулатори ТАБ МАК денес беше пуштен во употреба нов погон вреден шест милиони евра. Фабриката ја пуштија во употреба вицепремиерот Зоран Ставрески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, државниот секретар во Министерството за животна средина Соња Лепиткова и градоначалникот на општина Пробиштип Тони Тоневски.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека оваа инвестиција годинава ќе отвори нови 80 вработувања за жителите од оваа општина.

Фабриката за акумулатори ТАБ-МАК на домашниот пазар пласира само пет проценти од целокупното производство, а останатото производство од 95 проценти се извезува на западноевропските пазари, Русија, Украина и други земји, а во 2014 година оваа фабрика очекува 25 милиони евра девизен прилив.

– Со инвестициите ги зголемивме производствените капацитети за изработка на стартер батерии на 600.000 парчиња, како и 100.000 парчиња индустриски двоволтни ќелии. Си поставивме цел во 2013 година да произведеме 400.000 парчиња стартер батерии, во 2014 година – 700.000 стартер батерии и 150.000 парчиња индустриски двоволтни ќелии. Во иднина сакаме да произведеме еден милион стартер батерии и 250.000 парчиња двоволтни ќелии, како и да го модернизираме информатичкиот систем, обука на вработените, континуирано подобрување на условите за работа, обезбедување барање за заштита на животната средина, како што е изградбата на депонија за опасен отпад по највисоки европски стандарди, регулирање пречистителна станица за индустриската вода, рече Игор Липовиќ.

Градоначалникот на општина Пробиштип Тони Тоневски рече дека не се случува често во Пробиштип да се отвора нова фабрика или, пак, да се пушта нова производствена линија како што е денешниов пример, но затоа пак е посебно среќен затоа што сите напори на локалната самоуправа и на Владата одат во насока на залагање и ангажман за отворање нови работни места во неговата општина.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денес присуствуваше и на почетокот на изградбата на четири нови улици во пробиштипското село Добрево, инвестиција којашто е обезбедена од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Ставрески забележа дека ваквите инвестиции се посебно значајни за граѓаните на општините, а за ова село значи дека неговите жители и децата веќе нема да одат по кал.

Тој најави дека во текот на 2014 година ќе се реконструира и патот Пробиштип – село Крупиште, односно патот кој го поврзува овој пат со магистралниот пат Штип – Кочани. Изградбата на улиците во селото Добрево е во вкупна должина од илјада метри, а се инвестираат 10 милиони денари.

Изведувач на градежните работи во пробиштипското село Добрево е фирмата „Жикол“.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window