Скопје, 23 февруари 2016 (МИА) – Тринаесета година по ред од 1-ви до 5-ти март на Скопски саем ќе се одржи Саемот за градежништво, градежни материјали и градежна механизација, заедно со Саемот на недвижнини Реалекспо, кој ќе се одржи по шести пат, со најава за најголем број учесници и најголема понуда на станови. 

Покровител на Саемот за градежништво, втора година по ред е Министерството за финансии со проектите „Купи куќа, за млади“ и „Купи куќа, купи стан“.

Како што информираа на денешната средба со новинари од Скопски саем проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“ имаат за цел да им помогнат на граѓаните полесно да се дојдат до сопствен
дом, што се вклопува во концептот на Саемот за градежништво и за недвижнини.

Годинава, новина е што покрај градежни компании, компании за недвижнини и градежни материјали, ќе учествуваат и 14 општини кои ќе понудат државни парцели за изградба на куќи за проектот „Купи куќа за млади“.

– На Саемот за градежништво годинава ќе учествуваат 90 компании, а во рамки на Саемот за недвижнини 20 компании, значи вкупно 110 компании. Имаме учесници и од странство, од Германија, Турција и Србија. Конкретно за проектот „Купи куќа за млади“ на саемот ќе настапат и 14 општини кои ќе понудат плацеви за изградба на куќи. Во рамките на Караванот кој го организираат од страна на Министерството за финансии ќе се доделуваат влезници за посетителите и за сите заинтересирани за  проектот преку што би го решиле своето станбено прашање, изјави Валентина Димитрова, комерцијален директор на Скопски саем.

Димитрова очекува и годинава да има голем интерес за саемот со околу 15.000 посетители. Саемот ќе се одржува во три хали и ќе биде отворен од 10 до 19 часот.

Саемот за градежништво и недвижнини е прва саемска манифестација која се организира годинава на Скопски саем.

Comments are closed.

Close Search Window