Кавадарци, 28 август 2015 (МИА) – Едно основно и две средни училишта во општина Кавадарци ќе бидат реконструирани преку проектот за подобрување на општинските услуги што го спроведува Министерството за финансии, со средства обезбедени од Светска банка.

За реконструкцијата ќе бидат одвоени 41 милион денари, а со неа ќе бидат опфатени ОУ „Тоде Хаџи Тефов“, средното електромашинско училиште и гимназијата. Во сите три училишта ќе бидат сменети покривот и прозорците, а во гимназијата ќе се изврши доградба и ќе се прошири капацитетот за уште осум училници. Со ова ќе се подобрат условите за воспитно-образовниот процес за околу 2.000 деца или 40 проценти од вкупниот број ученици во општината.
Договорот беше потпишан денес меѓу вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.  
– Се работи за проект кој е добар од сите аспекти и со којшто придонесуваме во подобрување на квалитетот на образованието во Кавадарци. Заедно со општината продолжуваме со реализација и на други проекти, како што и досега помагавме во реконструкцијата на патиштата, изградбата на училиште и во изградбата на цевководот, изјави вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на договорот.

Според него, општина Кавадарци се движи во добра насока и се создаваат подобри услови за живот на граѓаните.

Градоначалникот Панов нагласи дека со реновирањето на овие три училишта се заокружува процесот на реконструкција на сите 10 училишта во општината.
Со проектот за подобрување на општинските услуги досега им е помогнато на 42 општини за што се одвоени 39,4 милиони евра.

Comments are closed.

Close Search Window