20 август 2019, Скопје – На 12 општини денеска им се ставени на располагање 165 милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Средствата ќе се користат за изградба на локални улици, водоводи, реновирање градинка, набавка на механизација и изградба на скејтпарк.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези денес потпиша договори со градоначалниците на општините Тетово, Кочани, Делчево, Брвеница, Бутел, Дебрца, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново-Облешево.

Од вкупните средства, 136,8 милиони денари се заеми по исклучително поволни камати, под 1%, додека 28 милиони денари се грант средства за општините.

– Со спроведување на овие проекти жителите на 12 општини ќе добијат подобри општински услуги. Како што гледате, тука има општини од сите региони. Проектот за подобрување на општинските услуги ја има токму таа цел – преку заеми, но и грант средства да стимулира вложување во капитални проекти, кои ќе ги подобрат условите за живот во сите општини во земјава.

Заеми преку Проектот за подобрување на општинските услуги добиваат општините Тетово, Кочани и Делчево. Истите ќе се искористат за изградба на булевар и улици. Во Тетово со заемот од 60,6 милиони денари ќе се продолжи булеварот „Видое Смилевски – Бато“, кој е главна комуникациска артерија за товарниот сообраќај кој од Скопје, Тетово и Гостивар се движи кон граничниот премин. Во Кочани, со 43,9 милиони денари ќе се изградат или ќе се финализира изградбата на 11 улици, од кои шест се во урбаниот дел, додека пет се лоцирани во руралниот дел, во селата Тркање и Оризари. Во Делчево со 32,3 милиони денари ќе се изврши реконструкција на две постојни улици и една земјена улица.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи истакна дека проектот кој ќе се реализира во нејзината општина – продолжување на булеварот „Видое Смилевски – Бато“, е од исклучително значење за сите граѓани од Полошкиот Регион.

– Секоја општина мора да биде кредитоспособна за да може да аплицира за вакви проекти. Реализацијата на овој вид проекти ги подобрува општинските услуги кои се пружаат на граѓаните, а со тоа се обезбедуваат подобри услови за живот во самите општини – рече Арифи.

Грант средства добиваат општините Брвеница, Бутел, Дебрца, Гостивар, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново-Облешево. Тие ќе се искористат за изградба на водоводи, изградба на скејтпарк, обнова на градинка, набавка на механизација и улично осветлување. Гази Баба грантот од 5,13 милиони денари ќе го искористи за „Изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Раштак – крак 1 и крак 7 во долна зона“. Општина Кисела Вода со грант средства во висина од 4,74 милиони денари ќе изврши енергетска обнова на  градинката „Весели Цветови – објект Мимоза“. Гевгелија, пак, со грант средства во износ од 4,17 милиони денари ќе изгради водоводна мрежа во должина од 1,7 километри во населбата Караорман. Грантот од 3,66 милиони денари, Општина Бутел ќе го искористи за набавка на специјална машина – метларка. Брвеница со грант од 3 милиони денари, исто така ќе набави механизација за спроведување општински услуги. Илинден добива грант од 2,9 милиони денари со кои ќе изгради дел од скејтпарк. Гостивар добива грант од 2,6 милиони денари со кои ќе набави возило за одржување улични светилки. Грант во износ од 1,5 милиони денари добива и Чешиново-Облешево со кои ќе набави возило и земјоделска механизација. Општина Дебрца, пак, добива грант од 336 илјади денари со кои ќе набави компјутерска опрема за општината.

Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски рече дека со спроведувањето на Проектот за изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа во село Раштак ќе се реши тамошниот проблем со водоснабдување. Тој посочи дека преку вакви локални проекти се подобруваат условите за живеење на граѓаните во општините.

Инаку, вкупниот износ на Проектот за подобрување на општинските услуги, кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка и Европска комисија достигна 100 милиони евра. Со овие средства досега беа финансирани над 230 капитални проекти во сите општини во земјава.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window