Скопје, 4 јануари 2015 (МИА) – Привлекувањето странски инвестиции, отворањето нови работни места и создавањето поволен бизнис амбиент за домашните инвеститори остануваат економски приоритет на Владата за 2015 година.

Ова во новогодишното интервју за Македонската телевизија го најавува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Приоритет број еден и натаму останува намалувањето на невработеноста, а за да се случи тоа потребни се инвестиции. Тоа значи дека привлекувањето странски инвестиции и опстојувањето на добриот бизнис амбиент за домашните инвеститори ќе претставува приоритет за Владата и во 2015 година. Покрај тоа ќе го помогнеме домашното стопанство и преку висок износ на инфраструктурни проекти, односно капитални инвестиции од Буџетот за реализација на патишта, на железничката пруга кон Бугарија, за изградба на комуналната инфраструктура, училишта, болници и сѐ друго што може да го придвижи домашното стопанство преку ангажман на домашната градежна оператива и индустријата, вели Ставрески.

На тој начин, смета вицепремиерот, ќе се постигнат добри економски резултати и проектираниот економски раст од 4 проценти, а ќе продолжи и трендот на намалување на невработеноста.

Тој очекува темпото на странски инвестиции да продолжи да расте и во 2015 година, со што ќе се отворат нови работни места за граѓаните.

– Имаме дваесетина, дваесет и пет фирми што треба да ги објават инвестициите или да ја почнат изградбата на фабриките во зоните, и тоа во сите региони на Република Македонија. Значи, не само во Скопје, каде што неодамна имавме потпишување договор со „Капкон“ за нови 400 работни места и некои други инвестиции, туку и во внатрешноста на Република Македонија. Во Охрид, на пример имаме две германски фирми коишто  ќе обезбедат вработувања на над вкупно 3.000 лица од Охрид и од Струга. Во Прилеп е инвестицијата на американската компанија „Гентерм“ со околу 2.000 вработувања. Имаме инвестиции и во Штип, во Кочани, во Тетово и на сите други места. Гледаме во сите населени места во Република Македонија да обезбедиме барем по еден инвеститор и со тоа да се отворат работни места, истакнува Ставрески.

Тој додава дека фокусот и натаму останува на презентирање на Македонија како земја со добра бизнис клима, а оти рангирањето на државата во извештаите „Дуинг бизнис“ на Светска банка се најдобра потврда за инвеститорите дека може да сметаат на добар бизнис амбиент во Македонија.

За укинувањето на задолжителната задолжница, Ставрески појаснува дека тоа е направено по барање на бизнис заедницата.

– Со домашните инвеститори или со бизнисмените имаме одличен дијалог сите овие години. Постојано сме во контакт и ги слушаме нивните барања и секогаш кога можеме да излеземе во пресрет, излегуваме. Така и овој пат во однос на задолжителната задолжница којашто беше побарана од коморите и од фирмите. Со оглед на тоа дека во меѓувреме профункционира Законот за финансиска дисциплина, којшто исто така обезбедува зголемување на ликвидноста и на плаќањата од должниците кон доверителите, и по навремено реализирање на обврските, бизнис заедницата сметаше дека веќе нема потреба за задолжителна задолжница. И ние, како и секогаш кога има добри аргументи и кога од бизнис заедницата произлегува одредено барање, имавме слух, вели Ставрески, додавајќи дека задолжницата останува на доброволна основа.

За годинава најавува зголемување на социјалната помош на одредени категории граѓани, зголемување на пензиите, како и нови работни места за граѓаните.
– Сметам дека со балансот што е направен меѓу мерките што се насочени кон граѓаните и мерките кон стопанството успеваме и кај едните и кај другите, во вакви сложени околности, бидејќи европската економија сè уште не заздравува, да го постигнеме максимумот. За граѓаните имавме мерки коишто беа насочени кон поддршка на нивниот стандард преку можноста да го приватизираат дворното место со едно евро по квадрат, можноста да купат куќа или стан во делот на поддршка од државата со субвенции, отписот на долгови за најсиромашните категории граѓани, ќе имаме зголемување на социјалната помош за одредени категории граѓани, зголемување на пензиите итн. Сите оние мерки што можат да помогнат за заштита на стандардот на граѓаните, а секако и отворањето нови работни места во домашните фирми и во компаниите што работат во зоните, директно им помага на десетици илјади граѓани коишто нашле работа таму да го обезбедат сопственото семејство, нагласува Ставрески.

Како успешни проекти во годината што измина, вицепремиерот Ставрески ги посочува отписот на долговите и „Купи куќа, купи стан“ со кои им се помогна на најсиромашните и на младите кои успеаја да дојдат до сопствен дом.

Со отписот на долговите досега се решени околу 2.009 барања, а пет- шест илјади барања се кај доверителите и тие се очекува да бидат решени во следниот период.
– Од друга страна, пак, проектот „Купи куќа, купи стан“ е насочен кон помладата популација, кон оние што се во средната класа и имаат одредени примања, но немаат доволно за да го решат прашањето на сопствен дом. Им излеговме во пресрет со поддршката меѓу 9.000 евра и 14.000 евра за оној што сака да го користи проектот „Купи куќа, купи стан“. Многу сум задоволен што во последниот месец имаме над 100 барања коишто се позитивно решени, нагласува вицепремиерот Ставрески во интервјуто за Македонската телевизија.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window