18 јули 2018, Скопје – Инфраструктурните проекти како што е пречистителната станица во Радовиш, придонесуваат за почиста животна средина и здравјето на граѓаните. Вакви проекти недостасуваа, а беа потребни во овие општини, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на пречистителната станица. На настанот присуствуваа и премиерот Заев, евроамбасадорот Жбогар, министерот за животна средина Дураку и градоначалникот на Радовиш.

Станува збор за инвестиција од 6 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА фондовите, која ќе придонесе за поквалитетни услуги за 25.000 граѓани на Радовиш.

– Улогата на Министерството за финансии е многу важна во реализацијата на овој проект. Финансии ја спроведе тендерската постапка и внимаваше во текот на имплементација на проектот да се испочитуваат договорените обврски и средствата од ИПА фондовите, да бидат потрошени согласно европските правила за добро финансиско управување – рече Тевдовски на пуштањето во употреба на пречистителната станица.

Министерот за финансии истакна дека Владата настојува што е можно повеќе да ја зголеми искористеноста на претпристапните фондови во вид на грант средства од Европската унија.

– Заклучно со 2017 година имаме висок степен на реализација на ИПА кој се искачи на високи 83%. Минатата година, имавме историски највисока реализација на ИПА средствата, скоро двојно повисока во однос на претходните години. Годинава ги финализиравме најкрупните проекти финансирани преку ИПА, како што се автопатот Демир Капија – Смоквица и пречистителните станици- рече Тевдовски.

Тевдовски во своето обраќање посочи дека Владата и во иднина планира да ја искористи поддршката на Европската унија за да инвестира во инфраструктурни проекти, како и во проекти за подобрување на животната средина.

– До крајот на годината, Министерството за финансии ќе отвори тендерски постапки за изградба на пречистителни станици во општините Битола и Тетово чија вкупна вредност изнесува 58 милиони евра. Тие ќе опслужуваат околу 207.000 жители, а заедно со четирите пречистителни станици кои ги отворивме досега, ќе се обезбеди почиста животна средина за околу петтина од населението во Македонија. Во следниот седумгодишен период, Министерството за финансии очекува да се спроведат проекти во областа на животната средина со вкупна вредност од околу 120 милиони евра, од кои најголем дел или околу 85% се грант средства обезбедени преку ИПА – рече Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека ваквите проекти придонесуваат и кон економскиот раст на земјата, како и за економски развој на локално ниво.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window