Скопје, 21 октомври 2014 (МИА) – Македонија ги доби првите срeдства во износ од 52 милиони евра наменети за изградба и реконструкција на патишта во земјава од Стратегијата за партнерство со Светска банка вредна 400 милиони долари.

Договорот за користење на средствата од Светска банка наменети за изградба и реконструкција на патишта во Македонија денес го потпишаа директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија Татјана Проскурјакова, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Со овие средства, како што појаснија, ќе се финансира изградба на патните правци Бошков мост – Дебар, Ресен – Буково и Битола – Макази.

Дополнително од Светската банка во рамки на оваа Стратегија следната година треба да се одобрат 100 милиони евра за изградба и реконструкција на повеќе патни правци во земјава. Меѓу нив, како што рече министерот за финансии, се Пробиштип – Ски центар Пониква, Тораница – Саса, Старо Коњарево – Ново Коњарево, Гарски мост – Извор и Ранковци – Крива Паланка.

– Проектот од над 150 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта во земјава се вклопува во еден посериозен инвестициски циклус за реализација на автопати, магистрални и регионални патишта во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра каде спаѓаат автопатите, регионалните и локалните патишта кои се финансираат од различни извори, истакна министерот.

Ставрески потенцира дека со реализација на предвидените патни правци значително ќе се подобри конкурентноста на македонската економија, протокот на стоки и патници и ќе се овозможи полесно пренесување на стоките низ различни делови на земјата, односно и за фирмите и за граѓаните ќе се овозможат подобри патишта и безбедност на патиштата, бидејќи со Проектот се опфатени и сите свлечишта што се детектирани, како и сите црни точки на патиштата.

Според Проскурјакова ова е втор проект за патен  транспорт што Светска банка го финансира во Република Македонија и претставува заем за долгорочно инвестирање.

–  Заемот дава можност да се подобри патната мрежа која е неопходна за поголем раст. Подобрената патна мрежа ќе значи и подобра поврзаност, побезбедно патување што, пак, може да придонесе кон подобар пристап до работни места, социјални услуги до населението и помага во намалувањето на сиромаштијата и зголемување на заедничкиот просперитет, потенцира Проскурјакова.

Директорот на ЈП за државни патишта потенцира дека со денешниот Договор се заокружува финансиската конструкција за реконструкција и рехабилитација на повеќе патни правци во земјава, за кои се комплетира документацијата, а градбата се очекува да почне во 2015 година.

Заемот од Светска банка е со поволни услови, со шест години грејс период и 23 години рок на отплата.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window