Бордот директори на Светска банка вчера одобри 19,3 милиони евра за Проектот за условени парични трансфери во Република Македонија.

&nbsp

Целта на проектот е јакнење на ефикасноста на системот на социјална помош преку воведување на условени парични трансфери и подобрувања во управувањето со системот на социјална помош, соопшти денеска мисијата на Светската банка во Скопје.

&nbsp

Проектот за условени парични трансфери треба да придонесе за намалување на сиромаштијата преку промовирање на запишувањето и завршувањето на средното образование на децата од сиромашните семејства во Република Македонија, со што ќе се создаде поквалитетна работна сила која ќе помогне во остварувањето на одржлив економски развој на сегашните и идни генерации.

&nbsp

– Проектот е дел од напорите да се прекине кругот на сиромаштија преку помагање на сиромашните семејства да им обезбедат соодветно образование на своите деца, така справувајќи се со една од главнити причини за долгорочната сиромаштија во многу домаќинства, вели Снежана Плевко, водач на тимот на Светска банка што и помогна на Владата во дизајнирањето на проектот. Проектот, исто така ги поддржува напорите на Владата насочени кон подобрување на општото управување со системот на социјална заштита и подобрување на пристапот кон средното образование.

&nbsp

Во соопштението се истакнува дека економскиот раст на земјата – што беше забрзан последниве неколку години – ќе биде намален поради глобалната економска криза, која ги ограничува перспективите за развој, извоз и странски директни инвестиции. Натаму, во него се додава дека сиромаштијата останува на високо ниво: релативната стапка на сиромаштијата, следена од Државниот завод за статистика, се одржува на ниво на околу 30 отсто. Последниот национален извештај за Милениумските развојни цели сугерира дека профилот на сиромаштијата останува отпорен, со висок ризик за поголемите домаќинства, чии членови имаат ниско ниво на образование.

&nbsp

Проектот има две компоненти. Првата ќе ја финансира Програмата на условени парични трансфери за сиромашните семејства со деца запишани во средни училишта – грантови што семејствата ќе ги добиваат под услов да нивните деца се запишани во средно училиште и редовно ја посетуваат наставата. Овие деца, околу 18.800 во 2008 година, ќе можат да добиваат дополнителни средства под услов да се запишани и да присуствуваат на најмалку 85 проценти од часовите во средното образование. Средствата се дополнение на редовната социјална помош. Првата компонента ќе го финансира и истражувањето на можностите за проширување на системот на функционирање на условените парични трансфери и на други области, како што се здравството, пазарот на труд, другите нивоа на едукација, како основно образование, предучилишно образование.

&nbsp

Втората компонента треба да помогне во подобрување на управувањето и контролата на социјалната помош. Таа ќе поддржи натамошни подобрувања во информатичкиот систем, ќе направи проценка на таргетирањето и регистрирањето на разните програми, ќе поддржи развој на контролни механизми за следење на имплементацијата на паричните трансфери, изработка на функционална анализа на центрите за социјална работа, како и градење на капацитетот за управување со програми.(МИА)

Comments are closed.

Close Search Window