8 април 2019 година, Скопје – Министерството за финансии работи на воспоставување функционална финансиска инспекција во јавниот сектор. Притоа Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства. Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски на меѓународниот настан за размена на искуства во делот на јавна внатрешна финансиска контрола.

На настанот организиран од страна на PEMPAL-IACOP учествуваа повеќе од 70 претставници од единиците за хармонизација на јавната внатрешна финансиска контрола од 20 земји од светот.

– Владата на Република Северна Македонија го усвои документот „Политика за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор“, што претставува стратегија за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во државава. Ние сме прва земја во регионот која има изработено ваква стратегија. Во неа ја дефинираме рамката на современиот, ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола, внатрешна ревизија, централна координација и хармонизација и финансиска инспекција во јавниот сектор, потенцира министерот. 

Притоа тој посочи дека се наследени проблеми со заостанати скриени обврски кај институциите и фондовите. Затоа, вели министерот, во стратегијата се предвидуваат механизми кои ќе го спречат тоа во иднина.

Стратегијата воедно придонесува и во зајакнување на превенирањето измама и корупција при спроведувањето на јавните набавки.

– Финансиската инспекција ја затекнавме слабо екипирана и со мал капацитет. Преку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, вели тој.

PEMPAL-IACOP претставува мрежа во која учесниците преку размена на искуства и практики го унапредуваат работењето во внатрешната ревизија и внатрешната контрола.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window