Вашингтон, 26 април (МИА) – Вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески го запознаа Меѓународниот монетарен фонд со подготвениот ребаланс на Буџетот на Македонија и најновиот пакет мерки за справување со последиците од светската економска криза.

ММФ, како што истакнаа Ставрески и Славески, позитивно ги оценува мерките што ги презема македонската Влада. Македонија моментно нема потреба од аранжаман, но ги остава отворени сите опции за соработка во иднина, јави известувачот на МИА од Вашингтон.

– Генералната оценка на ММФ е дека како мала и отворена економија Македонија се соочува со предизвиците со кои се соочуваат и другите земји кои имаат високо ниво на отвореност на изов и увоз, но оти во споредба со други такви земји сме поотпорни и оти имаме нешто помали проблеми,  изјави вицепремиерот Ставрески по средбите со претставници на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон каде се одржуваат Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

Вицепремиерот Ставрески и министерот Славески во Вашингтон, меѓу другите, се сретнаа со заменик-директорот на ММФ Такатоши Като и со новиот шеф на мисијата на Фондот за Македонија Вес Мек Гру.

Ставрески информира дека на средбите е потенцирано оти прилагодувањето на фискалниот сектор ќе биде толкаво колку што е потребно да се сочува одржливоста на платниот биланс и стабилноста на девизниот крус.

– Дури и да се покаже во текот на годината дека приходите се помали од она што сега е проектирано ние ќе ја прилагодиме расходната страна толку колку што е потребно и во никој случај Владата нема да дозволи повисок дефицит од оној што сеге е проектиран, бидејќи сметаме дека тоа е нивото што обезбедува одржливост на платниот систем и стабилност на девизниот курс, истакна вицепремиерот Ставрески. Од ММФ е потенцирано оти тоа е добар концепт во надополнување со монетарната политика, а планирњето на дефицитот според Фондот е нормална работа во услови на рецесија.

Претставниците на ММФ искажале отвореност за соработка, а таков став е изразен и од македонска страна.

– Објаснивме дека нашиот пристап е да ги држиме сите опции отворени во текот на годината и оти засега состојбата не е таква да има потреба од формален аранжман, посочи вицепремиерот Ставрески.

Според него, и од страна на ММФ не било укажано дали е потребен или не аранжаман, туку само ја искажале отвореноста за соработка во која било форма.
Министерот за финансии Трајко Славески повтори дека ММФ е подготвена да и помогне на Владата на начин на кој таа смета оти е најсоодветен. Во моментов нема потреба од аранжман, а ако се укаже таква потреба сите опции се отворени, рече Славески.

Со став дека нема потреба од аранжман во моментов е и Народната банка на Република Македонија, за што вицегувернерот Димитар Богов, кој е дел од македонската делегација во Вашингтон, посочи дека Владата е таа што склучува аранжман, а за Народната банка е важно да дојдат пари од странство.
Македонија, како членка на ММФ, до септември ќе има можност да користи средства од Фондот, без аранжман и услови, најавија вицепремиерот Ставрески и министерот Славески.

 

Станува збор за мерка која овозможува на секоја земја дел од ММФ да користи до 77 отсто од својата квота, која е во процедура на одобрување и која ќе може да се реализира од септември. Квотата на Македонија е 100 милиони долари и кога ќе завршат процедурите на одобрување ќе може да има пристап до средствата.

 

Вицепремиерот и министерот за финансии потенцираа дека од ММФ не добиле забелешки за проектираниот дефицит и оти од новиот шеф на мисијата било истакнато дека е нормално во услови на рецесија да се планира дефицит. Она што било посочено како позитивно  од страна на ММФ е и ниската задолженост на Македонија.

Тие најавија дека Мисија на ММФ во Македонија доаѓа од 7 до 14 мај, а целта на посетата е само запознавање со состојбите.

Македонската делегација денеска во Вашингтон ќе има средби со претставници на Светската банка. Најавени се средби со извршниот директор на Светска банка Аге Бакер и потпретседателот на Светската банка задолжен за Европа и Ценрална Азија Шигео Катсу.

###

Comments are closed.

Close Search Window