Македонија не води никакви тајни преговори со ММФ, изјави денеска во Охрид министерот Трајко Славески, коментирајќи го таквото тврдење на Даниел Дончев објавено во денешен „Утрински весник“.

 

– Го прочитав тоа и не можев да верувам дека читам таква шпекулација, но потоа разбрав дека е објавена на 1-ви април, па ја сфатив како првоаприлска шега.

 

Преговори со ММФ се водат или во Вашингтон или во Скопје. Ниту Владата патувала за Вашингтон во овој период ниту некој од Вашингтон дошол во Македонија, рече Славески, одговорајќи на новинарски прашања.

 

За најавите за можно покачување на каматите на банкарските кредити, Славески истакна дека тоа е деловна политика на банките, но според него, ако сакаат да ги задржат досегашните профитите треба добро да размислат дали ќе ги зголемуваат цените на своите производи.

 

Тој ги коментираше и податоците на Државниот завод за статистика за платите во Македонија.

 

– За мене најпријатно изненадување е што во јануари има историски ниско ниво на вработени во Република Македонија на кои не им биле исплатени плати. Тоа е нешто над 2 отсто. Се сеќавам дека пред година, две, процентот беше двоцифрен некаде 14%. За само еден месец во споредба со декември минатата година е паднат за четири процентни поени. Тоа значи дека сите кои се занимаваат со бизнис разбрале дека треба редовно да ги исплаќаат платите, рече Славевски. аб/са/15:34/МИА

Comments are closed.

Close Search Window