6 февруари 2019, Скопје – Министерот за финансии, Драган Тевдовски оствари средба со амбасадорот на САД во Р. Македонија, Џес Бејли. Министерот Тевдовски се заблагодари за поддршката што САД ѝ ја даваат на нашата држава.

На состанокот се зборуваше и за важноста на потпишувањето на протоколот за влез во НАТО. Напредокот на земјата кон НАТО е од големо значење и за инвеститорите, како за финансиските инвеститори, така и за странските и домашни компании што инвестираат во нашата економија.

Американскиот амбасадор му порача на министерот да биде амбициозен во очекувањата, но и одговорен во фискалниот дел како и досега. МФ Тевдовски ја истакна важноста на поддршката што САД ѝ ја даваат на Македонија за да оди напред како на политички така и на финансиски план. 

Во Министерството за финансии преку УСАИД поддржани се креирањето на Законот за јавни набавки во инклузивен процес, подобрувањето на транспарентноста и доброто владеење.

УСАИД од 1993 година до денес во Македонија имаат вложено во програми кои создадоа нови работни места, поддржаа слободни и фер избори, ги подобрија меѓуетничките односи и придонесоа за вклучување на маргинализираните и ранливите групи.

Минатата година беше потпишан договор за обезбедување грант средства во висина од 23 милиони долари за активности кои ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството.

 

Comments are closed.

Close Search Window