Вашингтон, 11 октомври 2014 (МИА) – И според оценките на ММФ и според оценките на Светска банка, македонската економија е оценета како најдобра во регионот, со највисок раст и годинава и за следната година. Тоа охрабрува бидејќи покажува дека политиките се добро поставени, пред сè тоа се однесува на политиката на привлекување странски инвестиции и користење на тие инвестиции за креирање нови работни места и за зголемување на извозот на стоки од Република Македонија кон Европа и кон светот. Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој учествува на редовните Годишни средби на ММФ и на СБ во Вашингтон, заедно со гувернерот на Народна банка на Македонија Димитар Богов. 

Годишното заседание на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светска банка (СБ), нагласи тој, е одлична можност да се сретнеме со раководството на овие две институции, со луѓето коишто ја следат состојбата со економијата во Македонија, да видиме како тие гледаат на нашата економија и да добиеме нивно видување за општите состојби во регионот, во Европа и во светот, што ќе ни биде корисно при правењето на идните проекции.

– И советот на овие институции кон сите земји е таму кадешто има простор, а Македонија е таква земја, со буџетот, со буџетската политика да се поддржат капитални инвестиции коишто на краток рок ќе креираат повисока економска активност, а на долг рок ќе овозможат да се зголеми конкурентноста на економијата преку изградбата на патиштата, како што правиме и ние во земјата, со изградбата на трите нови автопати, на пругата кон Бугарија, енергетски проекти, комунални проекти и друга инфраструктура, рече вицепремиерот Ставрески.

Тие политики што ги спроведуваме во Република Македонија, нагласи тој, општо им се советуваат на сите земји со цел да се оствари економски раст, бидејќи во Европа очигледно и според оценките што овде ги слушнавме состојбите не се најдобри и европската економија не е во најдобра кондиција. Истовремено, информира Ставрески, средбите со Светска банка ги користиме за разговор за конкретни проекти.

– Со задоволство можам да констатирам дека Светска банка пред кусо време ни одобри кредит за финансирање патишта во Република Македонија во износ од 52 милиони евра. Тука спаѓаат патиштата од Битола до Ресен, Дебар-Бошков мост и слично. Во следната фаза очекуваме со овие средства да се исфинансираат и патиштата Кочани-Делчево, Делчево до Голак, но и понатаму договоривме нови 105 милиони евра за десетина други патни правци во Република Македонија, коишто ќе ги опфатат делот од Ранковце до Крива Паланка, и други значајни за подобрување на патната инфраструктура во Република Македонија, изјави вицепремиерот и министер за финансии.

Со позитивни вести се враќаме од Вашингтон, истакна Ставрески, бидејќи она што можевме да го слушнеме е дека Република Македонија добро се справува со предизвиците на состојбите во Европа и оти со остварените стапки на раст можеме да бидеме задоволни дека одиме во добра насока.

Според гувернерот Богов, во Вашингтон заедно со Ставрески присуствуваат на исклучително квалитетни панел дискусии на коишто имаат прилика да ги слушнат ставовите на водечките креатори на економските политики во глобалните финансиски институции, но и водечките земји во светот. Она што доминира, подвлече, е како да се креираат нови работни места и економски раст во целиот свет, особено во Европа.

Се препорачуваат повеќе инвестиции во инфраструктура со што би се креирал потенцијал за повисок економски раст на подолг рок и истовремено би се креирала неопходната побарувачка во економиите коишто имаат простор за тоа, за да се помогне светската економија побрзо да закрепне, но и да постигнува повисоки стапки на економски раст.

Во рамки на тоа, појасни Богов, ги видовме и најновите проекции и на ММФ и на СБ коишто беа објавени деновиве, и навистина може да констатираме дека нивните видувања се многу слични на оние што ги има и Народна банка на Република Македонија. Нивните проекции, истакна, се блиску до нашите проекции, и навистина добро е да се види како како останатите гледаат со нивните очи, значи надворешен поглед на нашите економски политики.

– Пријатно беше да се слушне дека македонската економија има здрави фундаменти, дека треба да продолжиме во таа насока. Структурните реформи се нешто што постојано мора да се спроведува, секако треба да се биде внимателен и да се води сметка за евентуално излегување на економијата од рамнотежа, притоа да се реагира на време и повторно економијата да се стабилизира на патеката на којашто и одиме последниве години, изјави гувернерот на Народна банка на Македонија Богов.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window