Скопје, 20 мај 2013 (МИА) – Финансикиот сектор во Македонија е стабилен и покрај сите нестабилности и несигурности што владеат во светската економија и светските финансиски пазари, констатираа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов пред денешната редовна средба меѓу претставниците на финансиските супервизорски органи.

 

– Финансискиот сектор во целина е стабилен. Нема системски ризици. Банките и останатите сегменти на финансискиот пазар успеваат да се справат со актуелните предизвици што ги носат европската и светската криза. Се разбира во одделни сегменти имаме движења кои треба да се нотираат и за кои денеска ќе дисутираме. Конкретно во сегментот на финансиски друштва досега се формирани три од кои едно е за издавање и администрирање картички и две се претежно во делот кредитна активност, факторинг и гаранции, изјави вицепремиерот Ставрески.

 

Тој додаде дека од последната средба промена има и на пазарот на капитал со задолжителната котација. Посочи дека по последната законска измена овозможена е котација на 90 друштва кои се пријавени да котираат на Берзата и оти очекува да се случи тоа во јуни откако ќе биде одобрено од страна на Комисијата за хартии од вредност. – Ќе имаме дополнителни 90 компании кои ќе котираат на Берзата и тоа ќе овозможи колку што е возможно во вакви околности да се зголеми ликвидноста на Берзата и да има повеќе тргување, истакна Ставрески.

 

Гувернерот Богов потенцира дека новина е тоа што по измените на законот за банки од пред неколку месеци веќе има три барања од три штедилници за трансформација во финансиски друштва. Барањата во НБРМ веќе се процесуирани и веќе постапката продолжува во Министерството за финансии каде ќе бидат разгледани во наредниот период.

 

Според вицепремиерот и гувернерот, и покрај стабилноста во финансискиот сектор и натаму е потребна координација меѓу Народната банка и Министерството за финансии со следење на актуелните состојби, нови идеи за промена на регулативата и слично.

 

– Согласно добрите практики и во Република Македонија се одвива кординација меѓу Народната Банка и Министерството за финансии во насока на следење на состојбите во финансискиот сектор и посебно регулаторните тела кои се задолжени за регулирање на финансиските институции. Во таа насока и со гувернерот ќе ја разгледаме состојбата во сите сегменти на финансикиот пазар, вклучително и пазарот на капитал, осигурителните друштва, супервизијата, следењето на финансиските и лизинг друштвата и банкарскиот сектор, рече министерот Ставрески.

 

Ова е трет состанок на регулаторните тела во финансискиот сектор. Првиот се одржа пред една година. Како што рече гувернерот, веќе станува редовна практика и согледана е користа од ваквите состаноци на кои се разменуваат мислења и информации за движењата што се во целиот финансиски сектор.

 

Comments are closed.

Close Search Window