Скопје, 9 јули 2014 (МИА) – Буџетот во 2013 година се реализираше според планираното. Реализацијата е 96,13 проценти, со висок степен на реализација на приходите и редовно исплаќање на обврските.

Ова беше посочено во рамки на денешната расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет за завршната сметка на Буџетот за 2013 година.

Расходите се реализирани со 159.505 милиони денари, приходите со 140.248 милиони денари и дефицитот од 19.257 милиони денари е во рамки на планираното. Македонската економија во 2013 година оствари раст од 2,9 проценти што е над проекцијата од 2 процента. Оствареното над планираното се должи на растот на градежништвото и индустријата.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека во овој период на криза не беше секогаш лесно да се реализираат зацртаните политики, но дека Владата одговори на најдобар начин без дополнително да го оптовари стопанството, а со навремена исплата на обврските.

Според него, завршната сметка покажува дека е избран вистинскиот начин на кој требало да се справуваме со предизвиците.

– Конзистентноста, професионалниот пристап и сериозноста во решавање на предизвиците е вистинскиот пристап со кој Владата ќе продолжии понатаму, посочи Ставрески.

Тој потенцира дека и во 2013 година, како и претходните години, износот на глоби и казни во однос на вкупните приходи во Буџетот е исклучително низок и лани по овој основ се слеани 532 милиони денари, или 0,38 отсто од вкупните приходи во Буџетот.

– Тука завршува приказната дали глобите и казнената политика и работењето на УЈП се користи за прибирање приходи во Буџетот. УЈП, како и во секоја држава, е должна да ги прибере даночните приходи во Буџетот. Исклучително високото ниво на респонзивност на даночните обврзници покажува дека во Македонија даночната политика е здраво поставена, а тоа значи дека со ниски даноци, кои се најниски во Европа, успеавме да ја прошириме даночната основа и поголем број фирми да се решат доброволно да плаќаат даноци, односно да преминат од сивата економија. На тој начин во Буџетот се слеваат повеќе приходи и стопанството е помалку оптоварено. Тоа е најдоброто нешто што една влада може да го направи за стопанството, истакна министерот за финансии.

Македонската економија во 2013 година оствари раст од 2,9 проценти што е над проекцијата од 2 процента. Оствареното над планираното се должи на растот на градежништвото и индустријата.

Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ во расправата посочи дека реализацијата на Буџетот за 2013 година е на исклучително високо ниво, исто како и прибирањето на даноците. Додаде дека само 4 отсто од даноците се присилно прибрани.

Тој додаде дека во 2005 година прибирањето на даноците било за 30% помало што покажува колку била голема сивата економија, а направи споредба и за социјалните трансфери за кои во 2005 година биле одвоени 5 милиони денари, а во 2013 година таа сума била одвоена само за две ставки.

Ромео Тренев се осврна на начинот на донесување на Буџетот за 2013 година и оценките на опозицијата дека е нереален, посочувајќи дека завршната сметка покажува дека ништо не е нереално и дека сè што е ветено е исполнето.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window