Скопје, 4 мај 2014 (МИА) – Буџетот е во добра кондиција. Приходната и расходната страна се во рамки на планираното и засега нема потреба од ребаланс на Буџетот.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Буџетот е во рамки на планираните параметри. Исплатата на субвенциите за тутун секогаш повлекува повисоки расходи на Буџетот, меѓутоа во текот на останатиот дел од годината ќе има помали расходи, така што засега бројките не бараат никакви пресметки за ребаланс. Доколку има потреба во иднина, како и секоја година, ќе се пристапи кон ребаланс, но засега и приходната и расходната страна се во рамки на планираното, изјави Ставрески.

Тој очекува дека следните месеци ќе остане така, бидејќи, како што рече, добро е што со завршувањето на изборите се враќаме на нормалното извршување на функциите, и за приватниот сектор најдобро е кога има подолгорочна предвидливост на политиките.

– Сега приватниот сектор го има тоа, односно знае дека и натаму Македонија ќе има најниски даноци, висок износ за инвестиции од Буџетот и сето тоа создава добар амбиент за економскиот раст да се оствари во рамки на предвидувањата, а со тоа и Буџетот да биде во рамки на планираните големини, рече Ставрески.

Според објавените податоци на Министерството за финансии, приходите во Буџетот во март 2014 година изнесувале 11,226 милиони денари, а расходите 14,794 милиони денари.
 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window