Скопје, 16 декември 2013 (МИА) – Буџетот за 2014 година ќе овозможи подинамичен економски раст преку реализација на капитални инвестиции кои се за 11 проценти повеќе во однос на оваа година и ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски образложувајќи го Предлог-буџетот за 2014 пред пратениците во Собранието.

Вкупните приходи на Буџетот се проектирани на 158.343 милиони денари. Расходите на 176.514 милиони денари, а дефицитот е планиран на ниво од 3,5 проценти од БДП. Растот на економијата за 2014 година е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата ќе остане во зоната на ниските вредности од 3,3 проценти.

– Едната функција на Буџетот ќе биде да го компензира ефектот на се уште слабата европска економија и со поголеми капитални расходи да се постигнат повисоки стапки на економски раст, рече министерот и додаде дека Македонија е единствена во ЈИЕ која има фискален простор да го одржи нивото на буџетски дефицит на повисоко ниво со цел да ја помогне македонската економија.

Истакна дека со овие две функции дефицитот е поставен да се поддржи македонската економија и да се внимава на нивото на долгот што е долгорочно одржливо и Македонија без поголеми проблеми да го враќа.

Тој додаде дека приходната страна е конзистентна со економските политики што ги води Владата од 2006 година, а тоа е, како што истакна, Македонија да остане земја со најниски даноци. – Не е предвидено зголемување на ниту еден данок. Структурата на приходите ќе остане иста каде најголемо учество ќе имаат даночните и социјалните приходи, рече Ставрески.

На расходната страна, потенцира дека и во 2014 година ќе продолжи тенденцијата на подобрување на структурата, при што ќе има зголемување на капиталните расходи од 11,9 проценти за 2013 година на 12,7 проценти во 2014 година. Тековните расходи посочи дека ќе растат со 3,9 проценти што се должи на предвиденото зголемување на пензиите, платите во јавниот сектор, социјалните надоместоци и субвенциите. Посочи дека во 2014 година ќе продолжи стриктна контрола на другите тековни расходи. За социјлани трансфери се проектирани 77.667 милиони денари, за здравствена заштита се планирани 22.217 милиони денари, предвидени се и средства за нови социјални права односно исплата за правото на посебен додаток за самохрани родители, за деца со пречки во развојот, право на додаток за глувост, проширен е додатокот за мобилност, испланирани се средства за постојните дневни центри, за народните кујни и за енергија за најзагрозените категории, за субвенции во земјоделството се предвидени за 5 милиони денари повеќе во однос на оваа година и ќе достигнат историско највисоко ниво од 140 милиони евра.

– Тоа е континуитет на политиката што ја продолживме во кризни времиња и ќе ја продолжиме во 2014 година. Сите овие факти покажувааат дека Владата посветува внимание на поддршка на сите граѓани од ранливи категории. Освен силната развојна вклучуваме и димензија на социјална стабилност, рече вицепремиерот Ставрески.

Дефицитот, како што посочи, ќе се финансира преку домашни и надворешни извори. Смета дека ликвидноста на домашниот банкарски сектор овозможува со ниска камата да се обезбедат потребните средства, како и сите други држави, а од друга страна рече дека будно ќе се следат и состојбите на пазарите на капитал.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window