Скопје, 29 јануари 2015 (МИА) –  Вкупно 480 граѓани досега добија средства со помош на проектот „Купи куќа – купи стан“, рече министерот за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на пратеничко прашање попладнево на собраниската седница.

Додаде дека само во последниве два-три месеци, субвенции им се одобрени на над 150 лица, со што тие ја искористија можноста за решавање на прашањето за сопствен дом со помош на овој Проект.

Ставрески смета дека проектот „Купи куќа, купи стан“ е еден од најзначајните проекти на Владата на РМ, кој е во корист на граѓаните, посебно на помладите категории, односно на лицата кои го немаат решено прашањето за сопствен дом.

Ова, според него, е одлична шанса со помош на Владата и на Буџетот на РМ заинтересираните да добијат значајни средства во вид на субвенции кои, како што појасни, за кредит од 50 илјади евра се движат меѓу 9.000 и 14.000 евра зависно од моделот што граѓанинот ќе го одбере и зависно дали се работи за стан или куќа.

– Ако одберат модел половина од месечната рата за кредит од 50 илјади евра, за кој ратата е околу 320 евра, тоа би значело дека граѓанинот би плаќал 160 евра првите пет години, а 160 евра месечно ќе му помага државата, појасни министерот и додаде дека доколку кредитот е помал, односно изнесува 40 или 30 илјади евра, овие износи се помали.

Посочи дека на саемите кои се организираа во Сити мол и во Рамстор граѓаните директно можеа да се сретнат со претставници на банките, на Министерството за финансии и на градежните компании кои ги градат становите или што овозможуваат изградба на куќите. – На саемите граѓаните на едно место можеа да ги добијат потребни информации, а тоа помогна да се интензивира интересот за овој Проект, рече Ставрески.

Потсети дека врз база на зголемениот интерес во зградата на Министерството за финансии е отворена и канцеларија посветена на овој Проект, која работи секој работен ден меѓу 10 и 15 часот. Во канцеларијата граѓаните кои се заинтересирани за овој Проект може да ги добијат потребните информации и совети.

– Дневно доаѓаат околу 30 лица  да се информираат за овој Проект, што соодветно се одрази и врз на бројот на лица на кои им е одобрен кредит и државни субвенции, рече Ставрески.

Министерот за финансии истакна дека нивните очекувања се проектот „Купи куќа, купи стан“ да продолжи и во 2015 година, а доколку има интерес од граѓаните и во наредните години.

Comments are closed.

Close Search Window