Скопје, 5 јули 2012 (МИА) – Вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен поток“ и проектот за изградбата на националната гасоводна мрежа се извонредно стратешко прашање за Република Македонија кое обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации.

 

Според вицепремиерот и министер за финансии ова е значајно и политичко и пред се економско прашање за подобрување на конкурентноста на македонската економија и смета дека ќе беше лошо доколку Македонија останеше надвор од овој проект.

 

– Имаме квалитативен исчекор напред и во реализацијата на националниот гасоводен систем и вклучувањето на Македонија во „Јужен поток“. Ова што се случи и што ќе се случи со националната гасоводна мрежа и вклучувањето во „Јужен поток“ е извонредно стратешко прашање за Македонија бидејќи се вклучуваме во меѓународните транспортни коридори на гас кои во наредните 10-тици и стотици години ќе го пренесуваат гасот од полињата каде го има до Европа. Значи ќе беше лошо ако Македонија останеше надвор од тие текови. Сега практично обезбедуваме стабилен извор на гас за сите идни генерации, за стопанството, за граѓаните. Ќе може сите да го користат, а верувам дека на тој начин и цената ќе биде пониска бидејќи кога има поголема количина и повеќе корисници ќе може да дојде до намалување на цената, изјави министерот одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на унапредениот електронски систем во Царинската управа.

 

Тој рече дека спогодбата за затворање на клириншкиот долг на Русија кон Македонија е потпишан во 2010 година кога е договорено дека 60-те милиони долари ќе бидат вратени преку изградба на националната гасоводна мрежа во Македонија, а сега практично се потпиша меморандум меѓу двете фирми од македонска и руска страна кои ќе го градат гасоводот со кратка временска рамка до кога треба да ги доусогласат условите, да ја достават Русите понудата и да се почне реализацијата до крајот на годината. – Многу понапред и поконкретно сме во процесот и многу поконкретно, рече министерот, кој појасни дека сега „Стројтрансгас“ треба да ја достави финалната понуда. Нивна екипа во средина на јули ќе дојде во Македонија за да се усогласат техничките детали, потоа ќе може Русите да ја достават понудата, што се очекува најдоцна да се случи септември-октомври и веднаш потоа да почне изградбата. Гасификацијата ќе ги опфати сите градови во Македонија.

 

За вториот проект, вклучувањето на Македонија во „Јужен поток“, министерот истакна дека сега по врачувањето на нацрт спогодбата имаме одговор практично од руска страна на нашето барање за вклучување на Македонија во овој проект, односно Македонија е прифатена од страна на Владата на Руската Федерација. – Сега, конкретно ќе ја дискутираме таа спогодба. Штом ќе ја доусогласиме се формира мешовито претпријатие руско-македонско за изградба на тој крак што ќе биде изграден во Македонија, појасни Ставрески.

 

Изградбата, рече министерот, на кракот кон Македонија ќе биде познато кога ќе се стигне до разводната точка во Бугарија. – Првично треба да заврши изградбата под Црното Море до Бугарија и кога ќе стигне до Бугарија еден крак оди кон север до Европа, еден доаѓа кон Македонија, појасни министерот кој додаде дека на средбата во „Газпром“ им било кажано дека до декември оваа година ќе почне изградбата на „Јужен поток“ и ќе трае до 2015 година. Преку системот ќе бидат пренесувани 63 милијарди кубни метри гас.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window